Героски: Ве обвинувам за трагедијата на Фросина и на Васил, судијке Даниела Алексовска Стојановска!

Судијке Даниела Алексовска Стојановска,

Откако Основен кривичен суд Скопје јавно ја објави пресудата К.бр. 1439/24, со која „помладиот полнометник“ Васил Јованов од Скопје е огласен за виновен за две кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсории“, внимателно го прочитав тој текст и решив јавно да ви се обратам.

Поттикнат сум од очигледната намера на Судот, со објавувањето на пресудата, на јавноста да ѝ докаже дека вие сте постапиле исправно, одлучувајќи на 20-годишниот Јованов да не му определите затворска казна, туку, повикувајќи се на Законот за правда на децата, сте го упатиле во воспитно-поправен дом (најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години).

Вашата грешка е фатална и непростлива

Дека сте направиле фатална и непростлива грешка, сведочи трагичниот настан од 29 јануари, кога јурејќи со своето возило по улицата Партизанска во Скопје, со брзина од 130 километри на час, на пешачкиот премин кај „Силбо“, Јованов ја прегази и ја усмрти студентката Фросина Кулакова од Неготино. За жал, последиците на вашата грешка се конечни и непоправливи.

Верувам дека вам, судијке Алексовска Стојановска, ви било јасно дека согласно со Законот за кривична постапка, откако сте досудиле мерка за упатување на Јованов во воспитно-поправен дом, тој веќе не можел да биде задржан во притвор. И секако ви било јасно дека пресудата ќе биде обжалена во Апелациониот суд. Или, поинаку кажано, сте знаеле дека на слобода сте пуштиле момче кое е склоно кон употреба на дроги и алкохол и кое имало и дополнителна причина да го „лечи“ стресот предизвикан од фактот дека му претстои заминување во дом.

Но, тоа е вашиот помал грев, судијке Даниела Алексовска Стојановска. Вашата пресуда можела да биде обжалена во секој случај и вие, веројатно со право, сте биле должни да го пуштите Васил конечната пресуда да ја очекува на слобода. Сакам да нагласам дека јас не тврдам дека постои директна причинско-последична врска меѓу вашата пресуда и трагедијата на Партизанска.

Сепак, голем, непростлив грев е што во случајот сте се определиле за алтернативна воспитна мерка, наместо за затворска казна. Дури и под претпоставка Вашата намера да била најблагородна – во што јавно се сомневаат многумина – образложението на Вашата одлука е неодржливо во секој поглед.

Еве што сте напишале во пресудата, црно на бело …

Ќе цитирам делови од образложението на пресудата (без корекции и лекторирање):

„Судот ценејќи ги личноста на обвинетиот, неговата младост и недоволното животно искуство, опкружувањето во кое се нашол во време на сторување на делата, во друштво каде што конзумирањето на наркотици очигледно било секојдневие, а од друга страна пак се јавува и како соизвршител на дело со далеку повозрасно лице, со кое поради нејзината возраст би можел да има и родителски однос, но наместо од истата да научи позитивни и воспитни работи за животот, со неа се впуштил во инкриминирани дејствија, воедно судот го ценеше и однесување на обвинетиот и во таа смисла искажаното жалење и каење за стореното, особено грижата на совест за предизвиканиот срам на неговите родители и фактот што и нив ги довел во непријатна ситуација, околноста дека обвинетиот е со оформено задолжително средно образование, а со моменталниот студентски статус очигледно е со тенденција да стане и академски граѓанин, истиот потекнува од функционално семејство, па сите овие околности ценети во корелација со тежината на кривичните дела кои ги сторил, судот цени дека изречената воспитна мерка, заводска мерка-упатување во воспитно поправен дом, која ја овозможува Законот за правда на децата, е адекватна на кривично-правната одговорност на обвинетиот и дека целите на казнувањето во конкретниот случај спрема истиот, како помлад полнолетник, ќе се постигнат и со ваков поблаг вид на кривична санкција …

… Ваквиот вид на кривична санкција овој суд смета дека ќе има силно влијание во позитивна смисла за неговото понатамошно однесување во текот на животот, особено имајќи во предвид дека досегашната мерка притвор определена и продолжувана со решенија на овој суд, влијаела пред сè од воспитен карактер, да обвинетиот размисли што сторил, кои се последиците и сериозноста на ова кривично дело, последиците по однос на здравјето од конзумација на ваков вид дрога кои само го однеле на лош пат. Оттука, на обвинетиот му се дава уште една можност да го поправи своето поведение, да продолжи да чекори кон правиот пат, оттргнат од негативни дејанија“.

Судијке Даниела Алексовска Стојановска, ќе ви поставам пет прашања поврзани со цитираните делови од образложението на пресудата:

Судијке, дали сте вие психолог?

Прво, велите дека сте ја оцениле личноста на обвинетиот. Како сте го сториле тоа? Дали сте вие психолог или психијатар? Можеби педагог? Имате ли некаква диплома или сертификат со што би ја докажале вашата експертиза на овие полиња?

Добро, можеби сте психолог аматер. Денес има многу такви. Кажете ни тогаш нешто за личноста на Васил Јованов. Има многу елементи во приказната што ја содржи вашата пресуда, кои упатуваат на некои карактерни црти битни за неговата личност.

Вие, на пример, тврдите дека сте го ценеле неговото „искажано жалење и каење за стореното“. Тоа сепак не е вистина, бидејќи е факт е дека помладиот полнолетник не ја признал вината за кривичните дела за кои сте го осудиле – тој само жалел и се каел што употребувал дрога, а не и дека препродавал. Дали, судијке, вие, како психолог аматер во случајов, би рекле дека тоа е манипулација? Дали во личноста на „помладиот полнолетник“ сте ја забележале таа црта на манипулативност?

Можеби и не сте ја зебележале, но тоа е само затоа што сте слаб психолог аматер! Ништо страшно … И јас сум слаб, баш никаков, затоа и не глумам психолог или психијатар.

И дека можеби сте и лош судија кажува и тоа што не знаете – или се правите дека не знаете? – дека основен услов за изрекување поблага или алтернативна казна е обвинетиот да го призне стореното дело и да изрази жалење и каење за него. А не за нешто за што не е обвинет и осуден!

Каква врска има тоа што обвинетиот потекнувал од „функционално семејство“?

Второ, погледнете како сте го оцениле обвинетиот во негово семејно опкружување. Простете, но вакви глупости одамна немам прочитано!

Велите, сте го ценеле и фактот дека обвинетиот „потекнува од фунцкионално семејство“. Баш ме интересира, што правите кога им судите на обвинети кои потекнуваат од нефункционални семејства? Им определувате потешки казни? А што правите кога на обвинителната клупа ќе ви седнат деца на разведени родители? Можам да замислам …

Ве импресионирала „грижата на совест“ на обвинетиот „за предизвиканиот срам на неговите родители“. Читам во пресудата, обвинителот ви посочил на сознанија дека Васил Јованов неколку пати пред апсењето со 80 пакувања амфетамин бил прегледуван и му била одземана наркотична дрога која се третирала за употреба, а еднаш од автомобил што го управувал му била одземена и вага. Судијке Алексовска Стојановска, го прашавте ли обвинетиот – кој му го купил автомобилот, дали мислел на срамот на своите родители секој пат кога бил фаќан со дрога и зошто му била потребна таа вага? За да ја измери тежината на „грижата на совеста“?

Ако баш не сте морале, подобро воопшто да не сте се занимавале со темата родителство, судијке Алексовска Стојановска.

На родителите на Васил Јованов сигурно не им било лесно со него. Не е лесно да се биде родител. Многу полесно е да се биде палав син на родители спремни да сторат се, ама баш се – и што треба и што не треба – за некако да те извлечат од калта. Тоа на младиот полнолетник му давало ветер во грбот. А вие, судијке, тоа не сте го виделе.

Бидејќи сте лош … Знаете веќе што.

На која филмска дрога сте вие? Веднаш сменете го репертоарот серии!

Трето, трагикомична е вашата оценка, судијке Даниела Алексовска Стојановска, дека обвинетиот „се јавува и како соизвршител на дело со далеку повозрасно лице, со кое поради нејзината возраст би можел да има и родителски однос, но наместо од истата да научи позитивни и воспитни работи за животот, со неа се впуштил во инкриминирани дејствија“.

Па, па, па … Навистина, не разбирам, што сте сакале да кажете со ова? Дека дилерката можела да му биде нешто како мајка или тетка, да речеме, па од неа требало да научи „позитивни и воспитни работи“, наместо со неа да дила дрога?

Какви позитивни и воспитни работи требало да научи Васил Јованов од таа жена? Да му чита бајки од браќата Грим? Да вежбаат јога заедно? Да играат табланет? Да пијат смути?

Јас не знам на која филмска дрога сте вие, судијке, ама ви предлагам веднаш да го смените репертоарот на серии што ги следите.

Има млади луѓе кои не се „академски граѓани“, но не се дрогираат – тоа им е отежувачка околност?

Четврто, импресионира што се се повикале на „околноста дека обвинетиот е со оформено задолжително средно образование, а со моменталниот студентски статус очигледно е со тенденција да стане и академски граѓанин“. Уште да напишевте дека еден ден може да стане и правник, да положи правосуден испит, па и колега да ви биде …

Само, вие, судијке Алексовска Стојановска, ни должите објаснување зошто е битна оваа околност и зошто ги дискриминирате оние млади луѓе кои не сакаат да станат „академски граѓани“, туку сакаат да работат чесно и со завршено средно, а да не земаат и да не препродаваат дрога. Во вашиот систем на вредности, тоа очигледно им се зема за отежувачка околност.

Како знаете дека притворот позитивно влијаел врз Васил? Да не ви се јави од Шутка да ви каже?

Петто и најважно, на јавноста ѝ должите многу сериозно објаснување врз основа на што сте заклучиле дека „досегашната мерка притвор, определена и продолжувана со решенија на овој суд, влијаела пред сè од воспитен карактер, да обвинетиот размисли што сторил, кои се последиците и сериозноста на ова кривично дело, последиците по однос на здравјето од конзумација на ваков вид дрога кои само го однеле на лош пат“.

Кој ви кажал, судијке, дека додека бил во притвор, Јованов размислил што сторил, дека размислувал дури и за последиците од конзумацијата на ваков вид дрога по здравјето, дека сето ова го однело на лош пат?

Тој ви кажа? Не го видов тоа во пресудата.

Да не ви се јави по телефон од притвор? Бидејќи за него телефон во притвор, нели, не е проблем. Видовме …

Да сте го сместиле Васила во затвор, би го спасиле и него!

Ве обвинувам, судијке Даниела Алексовска Стојановска, многу сериозно ве обвинувам. Знам. Ама немам избор …

Не е спорно дека Законот за правда на децата ви дава право на сторител кој како помладо полнолетно лице извршило дејство што со закон е предвидено како кривично дело, а во времето на пресудувањето не наполнило 21 година, да му изречете воспитна мерка засилен надзор или заводска мерка, „ако со оглед на неговата личност и околностите под кои е сторено делото, може да се очекува дека и со воспитната мерка ќе се постигне целта што би се остварила со изрекување на казната“.

Спорно е тоа што Вие, без оглед што судите и врз основа на слободно судиско убедување, не сте биле кадарни и не сте ја одбраниле уверливо својата проценка – сега веќе и евидентно погрешна! – дека имало битни околности поради кои можело да се очекува воспитната мерка што сте ја изрекле да ја постигне целта што би се постигнала и со изрекување на затворска казна.

Немало такви околности!

Да сте го сместиле Васила Јованов во затвор, макар на кратко време, веројатно и него би го спасиле.

И Брејвик никогаш не бил осудуван пред да го изврши масакрот – што ви кажува тоа?

Судијке Даниела Алексовска Стојановска, наместо самата да ги оценувате личности и разни други околностите, сте можеле и сте морале да побарате стручно мислење или вештачење од надлежни институции и овластени експерти. Во оваа држава постојат социјални служби и други институции во кои работат стручни лица, образовани и обучени да дадат стручна оценка за нечија личност, да ги испитаат сите околности на нејзиното опкружување, да извршат стручна проценка на семејните околности и конечно и за нечија реална имотна состојба.

Од аспект на правната експертиза на околностите, за вас, судијке, релевантен аргумент би можел да биде само фактот дека обвинетиот до вашата пресуда не бил осудуван. Но, да сте малку пошироко информирана и за случаи од вашата област, а помалку за аматерска психологија, би можеле да научите дека и факторот „неосудуваност“ треба секогаш да го земате со резерва.

Еве, ќе ви кажам еден поучен пример за тоа. Верувам дека сте слушнале за Андерс Беринг Брејвик. Тоа е оној монструм кој во 2011 година изврши серија терористички напади во Норвешка, а на островот Утоја застрела десетици деца во младински камп. Верувале или не, пред овој масакр, Брејвик никогаш не бил суден и осуден. Бил уапсен само еднаш, во 1995 година, за пишување графити на ѕид. Ете, толку за факторот „неосудуваност“ при проценката за шансите за рехабилитација на еден криминалец.

Сте донеле неодговорна одлука – треба да одговарате!

За крај, судијке Даниела Алексовска Стојановска, ќе ја изнесам мојата заклучна оценка дека во случајот на Васил Јованов, вашата одлука за замена на затворската казна со алтернативна мерка сте ја донеле неодговорно и волунтаристички, без стручна експертиза која би била клучна за проценката дали алтернативата мерка би ја остварила својата цел.

Ова, самото по себе, е доволно Судскиот совет да ве повика на одговорност.

Одговорност треба да се побара и од претседателот на Судот, Иван Џорлев, кој бил должен колегијално да ви укаже на пропустите.

Конечно, мора да се истражат и сомневањата дека вие, судијке Даниела Алексовска Атанасовска, сте биле под влијание на политички моќници, за да постапите во овој случај како што сте постапиле. Е, за тоа јас не ве обвинувам, но во јавноста се изнесени многу сериозни шпекулации, за кои, едноставно, не смее да се молчи.

ПС. Ве молам, судијке, не ми праќајте деманти, одговори, полемички писма. Полемиката со мене не може да ја надомести расправата што за вашата пресуда и за овој случај треба да ја поведат институциите што ја следат вашата работа. Јас и вие можеме да се видиме евентуално во судница. Додуша, сега за сега, свесен, или подобро речено уплашен од последиците на дрогата врз здравјето (олеснителна околност, се надевам), се држам главно до ова легалниве дроги што ги купуваме во аптека. За другото, Господ да чува и памет да дава …

Бранко Героски за ПлусИнфо

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.