МЕТА најави укинување на „проверувачите на факти“ на Фејсбук и Инстаграм

Извршниот директор на META, Марк Закерберг, најави големи промени кои значително ќе го променат начинот на модерирање на објавите, видеата и другите содржини на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.

META ќе ги приспособи своите политики за преглед на содржината на Фејсбук и Инстаграм, отстранувајќи ги проверувачите на факти (fact checkere) и заменувајќи ги со „белешки за заедницата“ генерирани од корисниците, слични на оние што ги користи Илон Маск на платформата X.

Промените доаѓаат непосредно пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата. Трамп и другите републиканци ги обвинија Цукерберг и МЕТА за, како што сметаат, цензура на десничарските гласови.

„Проверувачите на факти беа премногу политички пристрасни и уништија повеќе доверба отколку што создадоа. Она што започна како движење за поголема инклузивност се повеќе се користи за да се замолчат мислењата и да се исклучат луѓето со различни идеи, а тоа отиде предалеку“, рече Цукерберг во видеото.

Сепак, Закерберг призна „компромис“ во новата политика, истакнувајќи дека на платформата ќе се појавуваат повеќе штетни содржини поради промените во модерирање на содржината.

Новоименуваниот шеф за глобални прашања на Мета, Џоел Каплан, во вторникот изјави за Фокс њуз дека третите партнери на Мета за проверка на фактите имале „добри намери на почетокот, но имало премногу политичка пристрасност во изборот што да се провери и како“.

Најавата доаѓа во време на поширока очигледна идеолошка промена надесно во највисоките рангови на Мета, бидејќи Цукерберг се обидува да ги поправи односите со Трамп пред новоизбраниот претседател да ја преземе функцијата подоцна овој месец. Само еден ден претходно, Мета објави дека сојузникот на Трамп и извршен директор на УФЦ, Дејна Вајт, ќе се приклучи на неговиот одбор, заедно со уште двајца нови директори. Мета, исто така, рече дека ќе донира 1 милион долари на инаугуративниот фонд на Трамп и дека Цукерберг сака активно да учествува во дискусиите за технолошка политика.

Одлука поврзана со промената на власта во САД

Каплан, истакнат републиканец, кој минатата недела беше унапреден на главната политичка функција на Мета, призна дека објавата од вторникот е директно поврзана со промената во администрацијата.

„Неоспорно е дека има промена во последните четири години. Сведоци сме на голем социјален и политички притисок, се во насока на зголемена умереност на содржината, поголема цензура и сега имаме реална можност. Сега доаѓа нова администрација и нов претседател кои се големи поборници на слободата на изразување и тоа прави разлика“, рече Каплан.

Вистинскиот надзорен одбор на Фејсбук – надворешна организација за одговорност чие име е игра на зборови за официјалната група на Мета и е составена од академици, адвокати и застапници за граѓански права, вклучително и раните инвеститори на Фејсбук како Роџер Мекнејми – рече дека промените во политиката претставуваат дека Мета станува „целосно МАГА“ (слоган на кампањата на Трамп).

„Денешното соопштение на Мета претставува повлекување од секој разумен и безбеден пристап кон модерирање на содржината“, се вели во соопштението на групата, нарекувајќи ги промените „политичко смирување“:

Промените на модерирање претставуваат зачудувачки пресврт во начинот на кој META управува со лажните и погрешни тврдења на своите платформи.

Во 2016 година, компанијата започна независна програма за проверка на фактите по тврдењата дека не ги спречила странските актери да ги користат нејзините платформи за ширење дезинформации и сеење раздор меѓу Американците. Во годините оттогаш, Мета продолжи да се бори со ширењето на контроверзни содржини на својата платформа, како што се дезинформации за изборите, приказни против ваксери, насилство и говорот на омраза.

Компанијата изгради безбедносни тимови, воведе автоматизирани програми за филтрирање или намалување на видливоста на лажните тврдења и воспостави еден вид независен „Врховен суд“ за тешки одлуки за модерирањет, познат како Одбор за надзор.

Значителен пресврт

Но, сега Цукерберг ги следи стапките на друг лидер на социјалната мрежа, Маск, кој, откако го презеде Х (тогаш Твитер) во 2022 година, ги распушти тимовите за проверка на факти и воведе ознаки за контекст генерирани од корисниците, наречени прибелешки на заедницата, како единствен начин да ги исправи лажните тврдења.

META вели дека го прекинува своето партнерство со проверувачи на факти од трета страна и воведува слични белешки од заедницата на своите платформи, вклучувајќи ги Facebook, Instagram и Threads.

„Мислам дека Елон одигра неверојатно важна улога во започнувањето на дискусијата и повторното фокусирање на луѓето на слободата на изразување, а тоа беше навистина конструктивно и продуктивно“, рече Каплан.

Компанијата, исто така, планира да ги прилагоди своите автоматизирани системи кои скенираат прекршување на правилата, за кои вели дека резултирале со „преголема цензура на содржината што не требало да биде цензурирана“. Системите сега ќе се фокусираат само на проверка на нелегални и „сериозни“ прекршоци како што се тероризам, сексуална експлоатација на деца, дрога, и измама. Другите проблеми ќе треба да ги пријават корисниците пред компанијата да може да ги оцени.

Закерберг во вторникот рече дека сложените системи за модерација на содржината на Мета по грешка отстраниле премногу содржина што не ги прекршувала правилата. На пример, ако системите не погрешат 1% , тоа би можело да претставува милиони корисници од повеќе од 2 милијарди на компанијата.

„Дојдовме до точка каде што имаме премногу грешки и премногу цензура“, рече Закерберг.

Но, Цукерберг призна дека новата политика може да создаде нови проблеми за модерирање на содржината.

„Реалноста е дека ова е компромис“, рече тој во видеото. „Ова значи дека ќе фатиме помалку лоши работи, но и ќе го намалиме бројот на невини објави и сметки што случајно ги отстрануваме“.

Компанијата, исто така, ги укинува ограничувањата за одредени теми, како што се имиграцијата и родовиот идентитет, и ги намалува ограничувањата на количината на политичка содржина што корисниците ја гледаат во нивните фидови.

Како дел од промените, META ќе ги премести своите тимови за доверба и безбедност, одговорни за политиките за содржина, од Калифорнија во Тексас и други локации во САД.

„Мислам дека тоа ќе ни помогне да изградиме доверба и да ја завршиме оваа работа на места каде што има помала грижа за нашите тимови да бидат пристрасни“, рече Закерберг.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.