Претседателот на Уставниот суд Koстадиновски се пожали на притисоци и политичко насилие

Ние изминатиов подолг период сме сведоци на едно непримерно, можам да го наречам и политичко насилие, влијание, притисоци на некој начин и уцени на Уставниот суд. Тоа е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка култура, да не зборувам за уставна култура, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

-Повеќе пати имам кажано дека нема да дозволам Уставниот суд да биде уценуван од никого и нема да дозволам да биде под притисоци и закани од било кого. Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво нешто нема да се случи. Уставниот суд има јасни надлежности, ги црпи од Уставот. Уставниот суд е чувар на Уставот и го чува во таква форма, таков како што е, нагласи Костадиновски.

Претседателот на Уставниот суд додаде дека воопшто не сака да комуницира и полемизира со политичарите, но нагласува дека се приморани на некој начин да им се обратат на граѓаните и да ги уверат во независноста и непристрасноста.

Потенцираше дека денешната одлука на Уставниот суд, не сака од никој да биде сфатена како слабост или подлегнување под некој притисок.

-Ние продолжуваме со постапувањето по тој предмет (Закон за употреба на јазиците). Тоа е најстариот предмет во овој суд, повеќе од пет години и нашата денешна одлука треба да биде толкувана како врвен чин на одговорен пристап и највисока почит и должност кон граѓаните, да не дозволиме да бидат манипулирани и лажени од политичарите, дециден е Костадиновски.

FacebookTwitterCopy Link

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.