СЕ ОГЛАСИЈА ОД ЗООЛОШКА: Слоницата Дуња е евтанизирана поради болест, од Анима Мунди бараат да се затвори, годиниве се случува класичен помор на диви животни под неразјаснети околности
Од скопската зоолошка се огласија по повод информациите за една од слониците. Од таму информираат дека со одлука на експерти, е одлучено да се евтаназира слоницата поради болест.
Од скопската зоолошка се огласија по повод информациите за една од слониците. Од таму информираат дека со одлука на експерти, е одлучено да се евтаназира слоницата поради болест.
„Со голема жалост ве информираме дека во текот на вчерашниот ден (06.08.2024 год.), азиската слоница Дуња по насока на сопствениците кои ја позајмија на нашата зоолошка- „Pairi Daiza” од Белгија, одлучија со тимот експерти (ветеринар, офтамолог и сениор зоо негувател на тимот за слонови) кои изминатите денови ја прегледуваа слоницата донесоа одлука за евтаназија на слоницата.
Ниту еден третман ниту операција не можеше да ја спаси, а одлуката на сопствениците од Белгија беше од стручниот меѓународен тим за да таа не страда.
Последнава година слоницата Дуња појавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност и се констатираа повеќе здравствени проблеми кај Дуња, типични за шеестгодишна слоница.
Дуња скоро и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем.
За процесот на обдукција и останките, Зоолошка градина Скопје ги следеше законите и правилата, како и консултации со тим од Факултетот за ветеринарна медицина.
Инаку нашата Дуња најголем дел од својот живот го има поминато во шведски патувачки циркус, патувајќи низ цела Европа. Со забраната за користење на животни во циркуси точки, оттаму Дуња и Даела патуваат во Белгија, во еден од најубавите паркови за слонови во светот- „Pairi Daiza”, каде се констатира дека за жал поради трауматичното минато двете слоници Дуња и Даела нема да можат да живеат во социјална група со други слонови.
Оттогаш, во 2018 година доаѓаат во Скопје за да ги живеат нивните „пензионерски денови”.
Посетителите на Скопје ЗОО од 29.09.2018 имаа прилика да уживаат и да се едуцираат со нивното присуство, а од вчера ја имаме самп нашата африканска слоница Даела, за чиј статус дополнително ќе се одлучи заедно со европската група за слонови.
Дуња, бескрајно ќе ни фалиш на сите, ни беше чест што имавме можност да се грижиме за тебе во твоите „пензионерски” денови“, стои во соопштението од скопската зоолошка.
Здружението за заштита на животните, Анима Мунди, бара итно затворање на Зоолошката градина во Скопје. Според нив, се случува класичен помор на дивите животни под неразјаснети околности и образоженија за кои јавноста се сомнева и е скептична.
„Денешната вест за трагичната смрт на една од слониците Дуња во скопската зоолошка градина повторно разбуди бес и загриженост за благосостојбата на дивите животни кои под параван на “едукација и забава” се држени како затвореници во современа човечка творевина нималку слична на нивниот природен хабитат.
Како некоја досега невидена и нечуена шема на смрт, се почесто низ годиниве наназад се случува класичен помор на дивите животни во ЗОО Скопје под неразјаснети околности и образложенија за кои јавноста е скептична и се сомнева дека позади сите овие трагедии се крие негрижа и неуспешно менаџирање.
Бараме независна истрага од надворешни експерти за да се обезбеди објективност и темелност, да се утврдат основните причини за овој помор без разлика дали се поврзани со медицинска нега, услови за живеење или практики на управување.
Бараме да биде даден на увид на јавноста извештајот од докторите по ветеринарна медицина од Белгија кои ја прегледале Дуња.
Бараме ИТНО затварање на зоолошката градина во Скопје бидејќи условите не се во согласност со принципите на хуман и етички третман на животните и нималку се едукативни и забавни.
Бараме релокација и рехабилитација на сите животни во надворешни акредитирани центри и резервати кои ги исполнуваат највисоките стандарди за грижа.
Бараме одговорност за сите досега залудно изгубени животи и исполнување на се од горенаведеното како единствен начин за спречување на овој помор.
Должни сте спрема јавноста, спрема тие диви животни со чие заробеништво со години профитирате да сте транспарентни!“, велат од Анима Мунди.