Маж со пресуда за насилство врз сопругата добива старателство над тригодишното дете, Туфегџиќ бара одговорност за судијата
Старателство врз тригодишно дете му е доделено на таткото, иако против него има пресуда за насилство врз неговата поранешна сопруга. Низ ваква сага поминува скопјанката Н.С., за која семејното насилство и тортурата наместо да завршат со разводот, продолжуваат низ апсурдните лавиринти на македонското правосудство. Првостепениот суд носи пресуда со која и покрај пресудата со која таткото е осуден за насилство врз мајката, детето му го доделува нему. Молбите и надежите на мајката сега упатени кон Апелација, од каде се надеваат, како што вели семејството, да се исправи оваа нелогична пресуда со кое дете се дава на насилник.
Адвокатот на мајката, Владимир Туфегџиќ вели дека поради начинот на кој се водела постапката во надлежниот суд, побарал претставник на Хелсиншкиот комитет за човекови права да го следи судењето, Тој поднел и барање за утврдување одговорност на судијата поради, како што наведува, сторени повеќе намерни и крупни професионални грешки на штета на мајката на детето.
По однос на судскиот предмет за кој пројавувате интерес а кој се води пред Основниот суд Охрид, надлежниот суд во постапка за развод на брак на ден 06.02.2024 година донесе пресуда со која малолетното дете на возраст од 3 години го додели на таткото. Имајќи го предвид Вашиот интерес и специфичноста на судската постапка можам да кажам дека е поднесена навремена жалба на ваквата пресуда, а жалбената постапка ќе се води пред надлежниот Апелационен суд Битола.
Поради начинот на постапување на надлежниот суд, по мое барање постапката ја следеше претставник на Хелсиншкиот комитет за човековите права.
Во жалбената постапка очекуваме Апелациониот суд Битола да ги уважи жалбените наводи пред сѐ поради сторените суштетствени повреди на постапката, а воедно против надлежниот судија до Судскиот совет на РСМ на ден 19.02.2024 година е поднесено образложено барање за утврдување одговорност на судија поради сторени повеќе намерни и крупни професионални грешки на штета на мајката на детето како странка во постапката, во која постапка очекувам Судскиот совет на РСМ да постапи со особена итност и веднаш да формира Комисија на известители заради утврдување на факти за кое нешто е доставена ургенција за постапување на ден 23.02.2024 година, вели адвокатот Туфегџиќ.