“Седум години сведочиме само на СКАНДАЛИ, а на Македонија ѝ требаат луѓе – ПРИМЕР ЗА СИТЕ“

Во Македонија со оваа власт се случуваа дневни скандали, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на конференција во Скопје во организација на Паневропската унија на Македонија.

Имаме скандали на секојдневна основа и сега не говорам само за изминативе неколку седмици, туку говорам за изминативе неколку години. И секогаш кога говорам со меѓународни претставници кои се присутни во државата или кои остваруваат посета во нашето седиште на партијата вообичаено ме прашуваат па добро што ќе направите, што ќе сторите вие. Не постои рецепт што јас би требало да направам, не постои таков случај. Потребно е да има политичка волја која би требало да биде одлучна без било каков компромис, без било какви концесии и отстапки. И однесувањето на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе две години кои беа избрани со голема изборна победа на локалните избори е типичен пример на тоа дека не сме исти“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека на пример откако градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се на чело на општините каде што се избрани нема ниту еден единствен случај за корупција или криминал што е поврзан со нив.

Ние имаме брилијантни законски решенија пишани на хартија, меѓутоа она што недостасува е спроведување. На пример, имаше еден случај за М-НАВ, група на политички активисти со криминалци влегуваат во објект кој што е од круцијално значење за НАТО државите. Меѓу нив е еден кој што е претседател на локалниот огранок на партија ДУИ. Само што го притворија, вчера беше пуштен на слобода. А, во меѓувреме слушнавме дека неговите колеги, соработници на неколку метри од оваа сала најавиле кампања за европски вредности“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека човекот кој што влезе во објект кој е од стратешка важност, или во објект каде што се надгледуваат прелетувањата на авионите и нападна колеги, од денеска е слободен човек.

И ова не е добар пример, ова е проблем за кој што зборуваме и укажуваме дека има двојни аршини“, рече тој.

Мицкоски укажа дека за жал ова е реалноста со која што се соочуваат граѓаните секојдневно со оваа власт.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на ДУИ, партија коалициски партнер во власта заедно со СДСМ.

Мој колега направи добра поента. Најголемиот промотор на европските вредности, ДУИ не се дел од ниту едно европско политичко семејство. Ние на пример сме дел од Европската народна партија, некои се дел од социјалдемократите, либералите, зелените итн. Замислете ДУИ, проевропски настроените не се дел од ниту една европска политичка организација. Веројатно тоа ќе го сменат“, кажа Мицкоски.

Според него во Македонија е потребно луѓето кои ќе ја водат државата да демонстрираат лична заложба и да бидат пример, а тоа ќе ги охрабри сите да направат нешто повеќе.

Мицкоски се осврна на отстапките кои Македонија ги прави низ годините на патот кон ЕУ.

„Луѓето имаат направено многу за европските вредности како никој претходно. Имаме многу проблеми и предизвици во образованието, здравството. Но, кога зборуваме за надворешните предизвици, треба да нагласам дека како никој кој е дел од ЕУ, ние инвестиравме многу. Го сменивме знамето во 90-тите, ја поддржавме Алијансата во 1999 година против режимот на Милошевиќ, примивме 500 илјади бегалци, имавме конфликт 2001 и направивме де факто федерализација, го сменивме Уставот, го сменивме името и повторно го сменивме Уставот“, рече Мицкоски укажувајќи дека по се следеа само ветувања.

Мицкоски посочи дека патот кон ЕУ го почнавме со Хрватска, и додаде дека Хрватска е сега членка десеттина години и го користат еврото и се дел од Шенген зоната, а ние не сме ни на масата, туку сме во лобито.

„И повторно имаме вештачки услов и никој не кажува дали е тоа последниот услов“, рече Мицкоски говорејќи за внесување на Бугарите во Уставот.