Многу нелогичности во исчезнувањето на Вања – како девојчето е изнесено од влез без никој да види, кој убива заложник без да побара откуп?!
По пронаѓањето на младата Вања Ѓорчевска и на фризерот Панче Жежовски од Велес, а особено по пресот на МВР и Обвинителството, се појавија многу нелогичности и прашања за нивното киднапирање и на начинот на кои се убиени. Дека многу работи не се поклопуваат потвдуваат и многу експерти, адвокати, криминолози.
Според нив, министерот Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски излегоа на прес поради притисок на јавноста иако многу работи не беа јасни или пак намерно ги криеја.
Тезата на кој начин, и поважното кога се убиени Вања и Панче, се врз основа на тврдењето на осомничените, што не мора да значи дека тоа е вистината. Можеби тие намерно ја вртат приказната во погрешен правец за друг да биде заштитен, или пак да се заштитат себеси, кога веќе некој е во бегство. Кој тоа може да го потврди, со оглед дека, барем до моментот на одржување на прес-конференцијата, резултатите од обдукцијата не беа пристигнати.
За ова говори Ленин Јовановски, кој е магистер по криминологија:
Признанијата на учесниците не смеат веднаш да се земат здраво за готово без разлика колку и да соодветсвуваат со некакви материјални докази зошто истите можеби да се и така наместени да изгледаат баш така. Нивните искази во побитниот дел се сведуваат дека така им кажал егзекуторот (планерот) , а тоа никако не мора да значи дека тој им ја кажувал вистината.
Дали тие се убиени со пиштол, од која далечина, дали можеби смртта на Вања настанала од задушување, она за кое говореше и Фросина Ременски, по што настанала таа паника кај киднаперите…Многу прашања се наметнуваат. Како настанала паниката кога јавноста не беше информирана за исчезнувањето на Вања?! Полицијата веќе презела одредени активности, мајката јавила. Но кој им јави на киднаперите дека полицијата веќе ја бара Вања?! Во јавноста таква информација немаше!
Во јавноста се коментираше дека наводно девојчето се задушило, па поради сознанија на киднаперите дека казната за задушување е доживотна, а за убиство со огнено оружје пониска, се решиле а истрелаат куршум како би дале впечаток дека се работи за убиство со пиштол. Го прашавме адвокатот Јанаки Митровски Дали задушување е потешко кривично дело од пукање со пиштол. Има информации дека девојчето е прво задушено па убиено?
Митровски вели: Во услови кога настапила смрт методот е неважен. Но доколку се покаже дека не е пукано туку е задушена( што е малку веројатно бидејќи прострелна рана има) би се довела во прашање директната, но не и евентуална умисла да се убие девојчето.
Симптоматичен е и начинот на кој била киднапирана малата Вања од зграда во Дебар Маало која се наоѓа на фрекфентна улица на самиот булевар „Илинденска“.
Зарем е логично во седум часот наутро кога возрасни одат на работа а деца на училиште некој да влезе во влезот каде Ваља живеела со мајката и сестрата и да ја врзе и пикне во вреќа за спиење. Се работи за девојче кое е високо 175 сантиметри и речиси е невозможно да биде изнесена од влезот во вреќа и пикната во возило без тоа никој да го забележи. И тука мора да се додаде фактот дека безбедноста во овој дел беше на повисоко ниво во периодот на грабнување на Вања, со оглед дека тоа беше главната сообраќајница која се користеше за време на Самитот на ОБСЕ кој започна два дена подоцна.
Една од тезите беше дека девојчето влегло во автомобилот само – веројатно поради тоа што во возилото имало некој кому таа му верува – еден од приведените во случајот, нејзиниот татко Александар. На прес-конференцијата Бубевски беше категоричен дека девојчето е грабнато во влез и во вреќа однесено во автомобил… Зарем тоа никој не може да го забележи?! Зградата нема подземен паркинг!
„Цитроенот“ слободно се шетал низ Скопје
Според тврдењето на Спасовски и Бубевски, Вања е киднапирана во „Цитроенот“ кој му припаѓа на Панче Жежовски, кој се водеше за исчезнат неколку дена претходно. Жежовски беше пронајден мртов, истиот ден кога е пронајдено и телото на Вања. Тезата е дека Жежовски е жртва за да се обезбеди возило за киднапирањето на Вања.
Да имате храброст да егзекутирате втора жртва со возило кое е сопственост на веќе убиено лице по кое полицијата трага мора да произлегува од висока моќ. Дали Жежовски имал некакви информации за плановите на Палевски и неговите соработници, поради што е убиен?! – пишува Ленин.
Како е можно „Цитроенот“ слободно да се вози неколку дена без тоа да биде забележано од безбедносните камери?
„Прво навремено МВР ги преземало сите соодветни мерки од изјавите на министерот како што слушнавме денеска се издвојуваат низа недоследности и тука се отвора второто прашање а тоа е прашањето човек бил пријавен господинот Панче од Велес дека исчезнал но истовремено слушнавме како се кажа дека неговото возило не било пријавено за исчезнато што тоа се движело 4-5 дена во државата и којзнае какви кривични дела се сторени и третата суштинска дилема е на нас кои сме активни во политичките процеси, но зошто МВР и безбедносните служби систематски имаат дозволено и имаат толерирано една криминална група да се движи активно низ државата, да се претставува како медиумски создавач на мислење, да имаат пристап до веб страна која се преставува како медиум а тоа е Инфомакс каде што држат дебати заедно се таму неколку субјекти политички, вклучително и субјектот каде 4 членови и претседателот на партијата веќе не само осомничени туку и признаени за извршеното дело, тие се монструмите национални во оваа држава и сето тоа системски државата дозволува со години да функционира“, искоментира Тимчо Муцунски.
Токму возилото, велат извори од истрагата, дало насока како да се води истрагата. Проверувајќи го запаленото возило, следејќи го неговото движење преку камерите низ главниот град, се откриени лицата кои се поврзани со убиството на Вања.
Чудни се и тврдењата на обвинителот Бубевски.Тој вели дека работите отишле во погрешен правец па затоа Вања е убиена иако првично требало за неа да бараат откуп. Но, во пријавата на мајката пари за откуп не се споменуваат туку само дека нејзината ќерка е исчезната.
Сепак најважниот одговор за овој случај треба да го даде таткото на Вања и дали тој е вклучен во киднапирањето на ќерката или пак само давал информации на сторителите со цел да извлечат пари од неговата поранешна сопруга за станот која неодамна го продала и за кој и Александар сметал дека му следува дел од парите.
Разговаравме со адвокатот Јанаки Митровски околу нелогичностите. Но сепак е воздржан од коментар додека не се добијат повеќе информации.
Сѐ уште како јавност имаме многу лимитирани информации, има многу шпекулации. Оттука не би можел да шпекулирам – ни одговори Митовски.