Живописна снимка од Уран, направена од „Џејмс Веб“
Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ направи несекојдневна фотографија од ледената планета Уран, неколку дена пред втората годишнина од лансирањето.
Американската Национална воздушно-вселенска администрација НАСА и Европската вселенска агенција ЕСА, коишто управуваат со телескопот заедно со Канадската вселенска агенција КСА, ја споделија сликата од претпоследната планета во нашиот Сончев Систем. Вселенското тело изгледа како светкав меѓусветовен портал од научнофанастичните филмови, среде бескрајниот црн океан, а снимката е направена благодарение на инфрацрвените филтри на телескопот за да се снимаат брановите должини што луѓето не можат да ги видат со голо око.
Новата фотографија ги прикажува прстените на планетата, вклучувајќи го и тешко видливиот прстен Зета, кој е најдлабок, но најблед и најрасфрлен. Се гледа и поларната бела дамка во близина на центарот на планетата. Телескопот користел четири „НИРКам“ филтри – „Ф-140-М“ (за сината боја), „Ф-210-М“ (за жолта), „Ф-300-М“ (синозелена) и „Ф-460-М“ (портокалова).
На сликата се прикажани и 14 од 27-те месечини на Уран, како што се Оберон, Титанија, Умбриел, Џулиет, Пердита, Розалинда, Пак, Белинда, Дездемона, Кресида, Ариел, Миранда, Бјанка и Портија.
Уран има многу мраз, како и екстремна темнина во една четвртина од Урановата година. А пак, една година на претпоследната најоддалечена планета во нашиот систем, т.е. едно свртување околу Сонцето трае околу 84 Земјини години, што значи дека зимата на темната страна на оваа планета трае 21 наша година. Астрономите веруваат дека сликите од „Џејмс Веб“ ќе ѝ помогнат на науката подобро да го разбере Уран, особено прстенот Зета, којшто е важен за идните мисии. Тие фотографии се и можност да се дознае за речиси 2.000 документирани егзопланети во други планетарни системи што имаат слични одлики со оние од нашиот Сончев Систем.
Фото: НАСА
Извор: Канал 5