Даштевски: Проценката на ДИК вели дека подобро е претседателските и парламентарните избори да се во ист термин
Секако дека е подготвена Државната изборна комисија за одржување на избори, таа е професионално тело и има професионална служба. Ние сме подготвени само чекаме другите детали во Собранието да се разрешат и почнеме со работа. Досега се подготвувавме и ние направивме проценка за тоа колку средства се потребни и ги направивме сите тендери и постапки за вршење на изборите“, изјави претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски во вечерашното гостување во емисијата „За или Против“ на Телевизија Алфа.
Тој додаде дека Државната изборна комисија ќе биде поподготвена од претходно иако следуваат два изборни циклуса парламентарни и претседателски избори.
Даштевски посочи дека во секој случај изборите ќе ги спроведат успешно.
„Зависи од кој аспект гледаме, за да се заштедат средства и работата да се поедноставни би било подобро да се спојат изборите ако се договорат така политичките субјекти. Ние сме подготвени на тоа да го спроведеме“, рече Даштевски.
Тој потенцираше дека сега ДИК има и план за подобра обука и почеста едукација на луѓето кој работат на овие апарати и уреди поради тоа тој смета дека гласањето ќе е поефикасно и ќе нема никакви проблеми.
Даштевски изјави дека како ДИК должни се да направат се за да се оневозможат хакерските напади.
„За време на изборите превземаме посебни мерки што значат поголема заштита, минатиот пат беше тоа се успешно. Сметам дека и овие избори треба да поминат без поголем проблем а од друга страна имаме нов софтвер и систем за биометриски уреди на највисоко ниво заштитен каде нема ни теоретски шанси нешто да се направи и тој функционира офлајн. За секој избори се внесуваат нови кодови и шифри“, вели Даштевски.