СЕ РАСПРСНА уште едно ПРЕДИЗБОРНО ВЕТУВАЊЕ на СДСМ

Деновиве се објави дека се издадени првите одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот Треска. Со тоа се дооформуваат парцели што е чекор пред издавање на градежни дозволи. Потсетуваме дека 47% од целокупното земјиште на таа локација е државно. Тоа значи дека ќе се гради според незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година.

Ова го велат од Шанса за Центар кои на прес конференција укажаа како што велат како градоначалникот Горан Герасимовски ги крши одлуките и прописите и работи спротивно на сопствените предизборни ветувања за Општина Центар.

Според нив со тоа се распрсна уште едно предизборно ветување на СДСМ, кога при промената на власта во 2017 година со сите сили застанаа против тој незаконски план и ветија дека ќе се поништи.

Сакаме да ја потсетиме јавноста на неколку важни моменти од минатото, за да покажеме како политичката волја за промени се стопи пред интересите на поединците и инвеститорите.

1.На 18 февруари 2020 година, Советот на општината донесе заклучок за урбанистичко решение по пат на објава на конкурс за локацијата на фабрика „Треска“, а според Законот за Локална Самоуправа и Законот за Урбанистичко планирање. (Одлука Бр. 08-1120/2 донесена на 7. вонредна седница од Совет на Општина Центар-Скопје, објавена во службен гласник 05/2020),

2.На 25 мај 2021 подготвен е стручен елаборат за суспензија наприменувањето на тогашниот Детален урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец. Во него се наведени сите елементи за суспендирање на планот, од неусогласеност со параметри и нумерички податоци со план од повисок ранг (ДУП контрадикторен со ГУП), непочитување на подзаконска регулатива, или нарушување на јавниот интерес.

3.Во предизборната програма од 2021 актуелниот градоначалник ГГ вели: „Балансот, во деталните урбанистички планови е целосно нарушен, а јавниот интерес целосно се игнорира за сметка на приватните интереси на градежни фирми и поединци со влијание. Граѓаните немаат доверба во процедурите и Општината која во континуитет не го заштитува нивниот интерес, а граѓаните не можат да променат ништо. Ние целосно ќе ја смениме концепцијата на урбанистичко планирање и изградба“, велат од Шанса за Центар.

Тие го обвинија градоначалникот Герасимовски дека пред изборите изјавил: „Ќе го слушам гласот на граѓаните и никогаш нема да дозволам просторот да биде „наметната“ населба, но по една и пол година владеење резултатите се поинакви.

„Горан Герасимовски е над прописите и законите и своеволно одлучува да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината – како што е вклопување на Конкурсот во ново урбанистичко решение за локалитетот на фабриката Треска. Ги игнорира, како да не постојат, докажаните и утврдени недоследности од планот наведени во Елаборатите за Суспензија, изготвени токму од стручна комисија за урбанизам од Општината која ја раководи. Ветувањата од предизборната програма, како да не ги дал или биле само за еднократна употреба додека се добие власта, а потоа како да не постоеле.

Герасимовски ќе остане запаметен и како човек кој го продаде државното земјиште во Треска кое можеше да се искористи за јавна намена – од детски градинки, игралишта и зеленило, до места за трафостаници и контејнери или друг јавен простор. Со овој чекор, трајно се запечатува можноста за поинакво решение на тој последен слободен простор во Центарот, кој да потсетиме, скоро 50% е на граѓаните“, додаваат од Шанса за Центар и прашуваат зошто?

Шанса за Центар иако само со 3 советника останува одговорна кон граѓаните да ги потсети на напорите на политичкото раководство до 2021, како и целосното спротивното однесување на актуелното раководство на чело со Горан Герасимовски.

„Одговорно се залагаме Општината да покаже капацитет за добро владеење во служба на граѓаните и јавниот интерес, да биде транспарентна и да покаже неселективност при примена на законите. Денес Општина Центар може да се пофали со одличен и очигледно скапо платен ПР, но со поразително и долготрајно лоши одлуки во однос на урбаниот развој и градењето. Шанса за Центар не е против урбанизација во кругот на фабриката Треска – напротив се залагаме тоа навистина да биде урбанизација, а не бетонизација. Бараме да се почитуваат сите стандарди за хумано живеење и интересите на инвеститорите да бидат во рамнотежа со интересите на луѓето што живеат во таа урбана заедница“, завршуваат од таму.