Техничкиот премиер на РМ Џафери бакна знаме на УЧК во Тропоја и порача „да се штити наследството“ на Синани, борецот за „Обединета Албанија“!

„Историска фотографија! Голем национален гест! Првиот Албански Премиер на * Македонија Талат Џафери го бакна албанското национално знаме со амблемот на УЧК!“  – со возбуда и еуфорично напиша Исмет Сулејмани, политички активист и активист за албанската национална кауза од Косово на општествените мрежи и неговата објава ја пренесе информативниот портал на албански јазик „Тетова Сот“. Во какво својство присуствувуваше и кого претставуваше техничкиот и само стодневен премиер Талат Џафери од Македонија денес во градот Тропоја во Албанија, каде што се организирала манифестација на чествување на „Командант“ Тахир Синани?! Тахир Синани е борец за „обединување на албанските етнички територии“ и „командант“ на оружените формации на УЧК во Косово (1998), потоа „командант“ и на УЧК во Прешевската долина, во Јужна Србија, а во Македонија во 2001 стигнал и до „титулата“ „командант“ на 116-та бригада „Џемо Хаса-Гостивари“.

На својот фејсбук-профил Талат Џафери, некогашниот самопрогласен „Командант Форина“ во УЧК во Македонија во 2001, година вака го образложи бакнувањето на знамето на УЧК во Тропоја во Албанија: „Со гордост учествував во поставувањето на статуата во чест на херојот на нацијата командант Тахир Синани во Тропоја, градот на големиот Бајрам Цури. Хероите на нацијата никогаш не треба да се заборават, нивната жртва треба да биде патоказ за новите поколенија да го сакаат и да штитат наследството со најголема посветеност.“

Според објавеното на „Википедија“, исто така и Бајрам Цури (1862-1925), бил борец за „обединета Етничка Албанија“. Талат Џафери, човекот, кој во овој момент е се уште макар и само формално „технички премиер“ на Македонија, порачува дека „хероите на нацијата треба да бидат патоказ за новите поколенија“, а овие нови поколенија да го сакаат и да го штитат нивното наследство со најголема посветеност“! Со други зборови, Талат Џафери порачува дека „борбата за обединување на албанските етнички територии“ во „единствена Етничка Албанија“, што подразбира и „албански простори“ од Македонија, треба да претставуваат „патоказ за новите албански поколенија“, „за да го сакаат и да го штитат“ „наследството на Тахир Синани и на Бајрам Цури“. На манифестацијата на УЧК Во Тропоја, во Албанија, Талат Џафери го придружуваше Али Ахмети, лидерот на ДУИ и на „Европскиот фронт“.

Извор: Експрес.мк