81,8% од Македонците сметаат дека законот не важи подеднакво за сите, 83% дека немаме независно судство

Две третини од граѓаните не веруваат дека во Македонија може да се добие фер и правично судење а близу три четвртини се на ставот дека законот не важи подеднакво за сите, покажува последната анкета која за „Детектор“ ја спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје.

Според неа, 65,7% од граѓаните се на ставот дека Во Македонија не може да се добие фер и правично судење додека во спротивното се убедени 19,3%.
Македонците и етнички Албанци комплетно различно гледаат на ова прашање, иако во мнозинство се согласуваат дека фер судење во Македонија не може да се добие. Сепак додека ваков став делат 73,2% од Македонците, „само“ 42% етнички Албанци сметаат дека не можете да добиете фер судење за разлика од 32,7% кои се на ставот дека во Македонија може да ви биде судено во фер постапка. Овој процент кај етничките Македонци е спуштен на само 14,8%.

73,9% од граѓаните велат дека во Македонија законот не важи подеднакво за сите, додека неселективност во правдата гледаат само 17,3%.

Споредбата на оваа анкета со анкетата која ИПИС за Детектор ја спроведе пред 4 години покажува дека нема некоја значителна разлика, иако постои благ раст на граѓани кои денеска сметаат дека законот не важи подеднакво за сите.

И по ова прашање значително се разликуваат ставовите ако се направи анализа на етничката структура на испитаниците. Па така, 81,8% од Македонците сметаат дека законот не важи подеднакво за сите, додека ваков став делат 51% етнички Албанци.

Гледано по региони, во вардарскиот и источниот регион над 90% од анкетираните сметаат дека правдата е селективна додека на југоистокот и во полошкиот регион ваков став делат околу 60% од истпитаниците.

70,9% од анкетираните велат дека македонското судство не е ефикасно, додека ефикасност перцепираат 16,4%.

И тука споредбата со претходната анкета која ИПИС за Детектор ја спроведе во 2019 дава раст на бројот на граѓани кои сметаат дека судството не е ефикасно, иако разликата не е многу голема.

Сепак, голема е разликата меѓу ставовите на Македонците и етничките Албанци по ова прашање. Додека близу 80% Македонци сметаат дека судството не е ефикасно ваков став делат само 46% етнички Албанци.

Генерално гледано, граѓаните имаат многу мала доверба во правосудниот систем. Во судството доверба имаат само 24% додека не му веруваат точно 70% од анкетираните. Тука некаде се и бројките за обвинителството. Тоа има недоверба кај 67% од анкетираните додека му веруваат 25%.

Во народниот правобранител доверба имаат 35% од граѓаните а недоверба 50,4%.

75,3% од анкетираните сметаат дека македонското правосудство не е независно додека само 11% сметаат дека тоа е отпорно на надворешни влијанија. Во споредба со нашата анкета од пред 4 години, има значителен раст на бројот на граѓани кои денеска сметаат дека судството не е независно. Ако оваа бројка во 2019 била фиксирана на нешто под 60%, денеска таа оди над 75%. И тука Македонците и етничките Албанци имаат прилично различни ставови. Додека 83%
Македонци сметаат дека немаме независно судство, ваков став делат 52,9% етнички Албанци.

Истражувањето на јавното мислење за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1115 испитаници во периодот од 01 до 04 февруари оваа година.