Лефков: Средбата во Тирана е за спас на Ковачевски и Али Ахмети
„Една ваква средба имаше пред 5-6 години и му помогна на Заев. И сега гледаме дека оној кој што како записничар се шеташе, и после Заев и што практично го претстави како ад хок премиер и видовме дека сега на истиот начин Еди Рама се обидува да направи спас и на Ковачевски и на Али Ахмети“, истакна Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното гостување во емисија „24 анализа“ на ТВ24.
Лефков додаде дека оваа средба е исклучително важен момент и за Артан Груби и за Бујар Османи бидејќи ја губат довербата кај граѓаните.
Тој нагласи ако се согледаат денешните наслови по медиуми може да се воочи како Ковачевски вели дека не знаел за што ќе разговараат неговите коалициони партнери во Тирана, и е најдобриот доказ дека оваа средба е и на негово барање.
„Како досега уште еднашка власта се обидува да ја сокрие суштината, да ја сокрие вистината“, нагласи Лефков.
Тој посочи дека не може во Тирана да се разговара за проблемите во Македонија.
„Бујар Османи најави дека било новогодишна средба во која што ќе разговарале за заканите. Меѓутоа не може надвор од Македонија да се решаваат проблемите како што се недовербата во судството, недовербата во обвинителството, за тоа што имаме огромна инфлација, не може да се расправа за здравството и зелената агенда. Се гледа дека е средбата само за спас на Ковачевски односно сака да се повтори една приказна којашто е стара 6 години, а од тогаш до сега видовме дека загубија сите во Македонија“, нагласи Лефков.
Тој рече дека граѓаните во Македонија со оваа власт тешко живеат.
Лефков се осврна и на евроинтеграциите на Македонија.
„Процесот на евроинтеграции е закочен поради нивното неспособно раководење и на државата и на сите области и сегменти во државата. Самиот претседател Пендаровски на последното годишно обраќање призна дека промената на Уставот не може да значи дека е последниот услов за влез во Европската Унија“, рече Лефков.
Лефков потенцираше дека без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ нема уставни промени, таква поддршка нема и нема ни да има заради начинот на кој е скроен овој предлог, како е тој процесиуиран, преговаран и целосно како опозиција исклучени од тој договор и е целосно на штета на македонските национални интереси.
„Не можете вие во Тирана да ја решавате евроинтеграциската иднина на Македонија. Прашањата за Македонија треба да се решаваат овде во Македонија. Овде треба да се решаваат затоа што Македонија има дополнителни услови кои Албанија ги нема во преговарачкиот процес и сето тоа е резултат на неспособноста на оваа Влада“, изјави Лефков.
Тој е дециден дека најважно е да се излезе на предвремени парламентарни избори.