Мисајловски: Безбедноста во државата е поткопана од внатре и надвор и за тоа вина имаат Пендаровски и Ковачевски

Она што беше евидентно од претседателот Стево Пендаровски е дека наместо како претседател да настапи, тој настапи како аналитичар. Тој треба да биде претседател на сите и не треба да делува како полтрон во одбрана на власта која ја носи Македонија во бездна, ова денеска од собраниската говорница го истакна Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Она што му беше важно на Пендаровски не е напредокот на Македонија, туку дали ќе биде поддржан во наредниот мандат или не од СДСМ и од тука ги градеше сите позиции во настапот. Се на се блед говор во кој има неодминливо полтронство, тој испушти можност да каже за недовербата која нашите граѓани ја имаат во државните органи, особено во правосудството, а тоа е и негов личен пораз. По скандалозното именување на шеф на судскиот совет кој е избор на СДСМ, а предлог испратен до Пендаровски и со ваков чин на функционирање, Македонија никогаш нема да се справи со криминалот и корупцијата, вели Мисајловски.

Тој додава дека Пендаровски во својот говор кажал дека имало спречено најмалку три терористички напади, но не кажа од каде се и од каде доаѓаат, ниту кој и како ги спречил.

Мисајловски додава дека безбедноста во државата е поткопана од внатре и надвор и за тоа вина имаат Пендаровски и Ковачевски.