СВЕЧЕНА ПОВОРКА ПРЕД БАКИНГАМСКАТА ПАЛАТА: Кралицата Елизабета го прослави платинестиот јубилеј

Британската кралица Елизабета Втора денеска накратко се појави на балконот на Бакингемската палата и ги воодушеви насобраните на последниот ден од прославата на платинестиот јубилеј, во рамки на нејзините 70 години на тронот.

До неа беа принцот Чарлс и Камила и војводата и војвотката од Кембриџ со нивните три деца, објави Би-Би-Си.

Британската кралица се насмевнала и им мавнала на собраните пред палатата, пред да влезе внатре.

Елизабета Втора (96) не можела да се појави на настаните кои се организирале во петокот и саботата во нејзина чест, бидејќи последните месеци имала проблеми со движењето.

Воени оркестри, танчери, различни изведувачи и познати личности денеска продефилираа низ улиците на Лондон за да го одбележат платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета.

Се проценува дека за време на платинестиот јубилеј се одржале 16.000 улични забави низ Велика Британија, а уште 600 низ светот, во Канада, Бразил, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Африка.

Одбележувајќи различни децении од владеењето на кралицата, играчите, облечени во костуми од 1950-тите, танцуваа на булеварот што води до Бакингемската палата, додека возачите на „мини морисот“ ги носеа знамињата на Обединетото Кралство и свиреа со сирени, објави Ројтерс.

Стотици илјади поддржувачи на кралското семејство излегоа на улиците за да присуствуваат на спектаклот и да уживаат во пикник, првиот голем национален државен празник од почетокот на пандемијата Ковид.

Меѓу јавните личности, на денешната парада учествуваа пејачот Ед Ширан, поранешниот фудбалер Гери Линекер, манекенката Кејт Мос, тркачот Мо Фарах.

Поворката тргна по слична рута по која Елизабета тргна на денот на нејзиното крунисување во 1953 година.