ОЈО отвори истрага против лекарите за случајот на Јилдз Веапоска, на која без потреба ѝ беа извадени матката, јајник и бубрег
Екс-директорот на струшката болница Муамед Асани и уште двајца доктори ќе бидат кривично гонети за скандалозниот случај со Јилдз Веапоска на која при породувањето ѝ беа извадени матка, јајник и бубрег со што ја ставиле во животна опасност.
Истрагата утврдила дека компликациите започнале кога при царскиот рез на родилката ѝ пресекле бубрежна артерија. Тогаш ѝ се влошила здравствената состојба, но Асани и специјализантот кој му асистирал наместо да ја утврдат причината за тоа – почнале да ѝ даваат терапија за надоместување на крвта. Реакцијата, како што соопштува обвинителството, била задоцнета и на родилката ѝ станало уште полошо. Тогаш паднала одлука да се извадат репродуктивните органи.
„Со терапијата која и ја дале дополнително ја влошиле состојбата на пациентката и задоцниле со реакцијата, поради што кај неа настанала огромна загуба на крв и западнала во состојба на шок. Во такви услови, првообвинетиот со асистенција на третообвинетата се решиле да извршат нов оперативен зафат за да го спречат крварењето, да и ја отстранат матката и левиот јајник иако на овие органи немало никакви промени или повреди.“- ОЈО – СТРУГА.
Пациентката ја сошиле но крварењето не престанало. Докторите веднаш се решиле на нов зафат во кој, всушност, откриле каде згрешиле. Но, не можеле да ја реконструираат артеријата, па го извадиле и бубрегот.
„Откако и по затворањето на пациентката крварењето не престанало, тие се решиле за уште еден оперативен зафат при што хирурзите откриле дека крварењето доаѓа од оштетувањето на бубрежната артерија предизвикано при царскиот рез. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани левиот бубрег со цел да се спаси животот на оштетената. Кога тоа било направено и крварењето било запрено, пациентката била препратена на лекување на Државната клиника „Мајка Тереза“ во Скопје “- ОЈО – СТРУГА.
Веапоска се породи кон крајот на август 2020-та, а случајот јавно го обзнани во февруари 2021-та. Први на терен излегоа од ДСЗИ кои открија дека ординацијата на Асани била нерегистрирана и ја затворија. Потоа Лекарска комора соопшти дека немаат надлежност да вршат вештачења туку само ја проверуваат стручноста на медицинските лица.
Поради многубројните реакции од јавноста, на 17 март тогашниот министер за здравство Венко Филипче го разреши Асани од директорското место и најави дека ќе се формира нова комисија која ќе ја проверува документацијата. Но и таа комисија два месеци подоцна не констатираше лекарски пропуст, а Асани ја доби првата пријава од тамошното обвинителство за дивата ординација.