Централната власт на СДСМ и ДУИ прави опструкции на општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ, последен случај е одземањето на ингеренции на општина Битола
Централната власт на СДСМ и ДУИ на секој можен начин се обидува да ја опструира работата на општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Пoследниот случај доаѓа од Битола, каде што на општината и се одземени ингеренциите на локалната самоуправа врз една детска градинка за на тој начин централната власт да заштити директор за кој и самите вработени реагирале и имале поплаки за неговото работење.
И покрај тоа што целата документација била доставена до министерството за труд и социјална политика, централната власт решила да удри по воспитно образовниот процес, само и само да тера партиски инает и интерес.
Овој случај во Битола не е исклучок на опструкции на општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ, туку правило на централната власт. Притисокот е систематски. Прво беше безмилосното празнење на буџетите и енормните задолжувања на општините од страна на претходниците од СДСМ, а потоа следеше намалувањето на дотациите и трансферите кои по закон следуваат од централниот буџет кон општините за нормално работење.
Сега кога гледаат дека и покрај сите опструкции градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ успеа да реализираат илјадници проекти, преминуваат кон бесрамни методи како одземање на ингеренции. Срамно и подло однесување на централната власт раководена од СДСМ и ДУИ. Но колку тие пониско удираат, толку ВМРО-ДПМНЕ повисоко се издига и народот тоа се повеќе го гледа. Нервозата во СДСМ ги прави очајни, ама тоа нема да им помогне да се спасат од катастрофален пораз.