Ковачевски молчи за барањето на ВМРО-ДПМНЕ да потпише и да застапува писмени гаранции за македонскиот идентитет, јазик и историја
Ковачевски и СДСМ молчат за овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ кој е во насока на зацврстување на државните позиции и интереси. Да потсетиме, СДСМ одби и подадена рака од страна на опозицијата да се изгласа Декларација за Гоце Делчев во Собранието по повод јубилејот 150 години од неговото раѓање. Ова отвора големи сомнежи дека власта на СДСМ се подготвува да направи многу повеќе од внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Постои сериозна опасност СДСМ и Ковачевски да прифатат позициите на бугарското Собрание да станат составен дел од преговарачката рамка. Овие позиции се крајно негаторски и неповолни за Македонија и доколку станат дел од преговорите тогаш или ќе дојде до идентитетско обезличување или до бесконечни преговори. Затоа ВМРО-ДПМНЕ бара од Ковачевски да прифати и да застапува гаранции, бидејќи кога може да му дава гаранции на Кирил Петков, тогаш мора и на својот народ да му гарантира дека никој нема да го обезличува и нема да го попречува со апсурдни оспорувања патот на Македонија кон ЕУ, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во исто време ВМРО-ДПМНЕ бара широка интелектуална и општествена поддршка, бидејќи постои опасност доколку се случи прифаќање на одредени отстапки сега, да дојде до несогледливи последици за Македонија, додаваат од таму.