Падна владата во Казахстан

Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев ја прифати оставката на владата, откако зголемувањето на цената на горивото во централноазиската земја-производител на нафта предизвика протести во кои беа повредени речиси 100 полицајци.
Полицијата употреби солзавец и шок-бомби доцна во вторникот за да избрка стотици демонстранти од главниот плоштад во Алмати, најголемиот град во поранешната советска република.
Судирите продолжија откако Кабинетот поднесе оставка. Илјадници демонстранти притискаат кон центарот на градот Алмати, некои од нив на голем камион, откако безбедносните сили не успеаја да ги растераат со солзавец и гранати.

Атамекен, деловната лоби група на Казахстан, рече дека нејзините членови пријавуваат случаи на напади врз банки, продавници и ресторани.

Казахстан е строго контролирана земја која негува слика на политичка стабилност, помагајќи и да привлече стотици милијарди долари странски инвестиции во својата нафтена и метална индустрија во текот на три децении независност.

Градските власти ги повикаа жителите да останат дома, велејќи дека операцијата за спроведување на законот продолжува.
Протестите започнаа откако владата ја укина контролата на цените на течниот нафтен гас на почетокот на годината.