Предлог закон за изменување на законот за тутун е со цел да се донесе квалитетен закон кој ќе ги реши проблемите на тутунопроизводителите
„Врз основа на член 71 став 1 од Уставот на Република Македонија и членовите 132, 137, 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија поднесуваме предлог закон за изменување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи по скратена постапка. Согласно член 70 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија предлагаме предлог закон за изменување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи да се стави како точка на дневен ред на денешната 61 седница на Собранието на Република Македонија“, истакна Петар Ристески, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Ристески додаде дека постоечкиот закон кој што е изменет во 2019-тата година од страна на Владата на Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ во овие неколку години генерираше големи проблеми при откупот на тутунот.
„Пред се ние мислиме на забрана на увоз на тутун од страна на откупувачите, склучување на договори со сите коминтети и оние кои што во изминативе години поднеле жалба за да нема реваншизам кон тутунопроизводителите и да се зголеми контролата кон откупувачите од страна на државата. Бидејќи се врши очигледен грабеж на тутунопроизводителите во изминативе неколку години“, нагласи Ристески.
Ристески посочи дека овие измени на законот за тутун кои што г поднесува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се производ на континуираните консултации со тутунопроизводителите. Ристески побара и од пратениците од владејачкото мнозинство да го подржат овој предлог и заедно да се донесе закон кој ќе биде квалитетен и кој што ќе ги реши проблемите на тутунопроизводителите, а тоа се повеќе од 30.000 семејства односно повеќе 100-тина илјади тутунопроизводители во Македонија.