На денешен ден е роден Методија Андонов-Ченто

Методија Андонов – Ченто

На денешен ден во Прилеп е роден Методија Андонов – Ченто – македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Често, поради неговата функција на претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто се именува и како прв Преседател на Македонија.

Ченто ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост. Учествува на изборите во 1935 година како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на листата на Здружената опозиција, бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. На изборите во 1938 година од вкупниот број гласови дадени за кандидатите на опозицијата, Ченто добива најмногу, но не бил избран за пратеник поради државната манипулација со изборниот систем.

Ченто бил еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп во 1940, за што бил затворен во затворот во Кикинда. Во 1940 година се залага за воведување на мајчин македонски јазик во наставата во училиштата и повторно е затворен и интерниран во Баина Башта, при што е осуден на смрт. Дури и е одведен на стрелање, но е ослободен во последен момент на 15 април 1941 година.

По одбивањето на поканата да соработува со бугарскиот фашистички окупатор, интерниран е прво во селото Мелницаф, близу бугарско-турската граница, а потоа во логорот „Чучулигово”, Петричко, Пиринска Македонија.

По неговото ослободување од интернација, се приклучува кон НОВ.

Познати се неговите несогласици со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ – Темпо,  кои почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. Меѓу другото, Ченто упатува забелешки на содржината на Манифестот на Главниот штаб.

По ослободувањето на земјата несогласиците со тогашниот македонски врв продолжуваат. Ченто се противи 15-от македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија, се противи на враќање на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики. Комунистите му ја одземаат реалната власт и Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.

Сака да се повлече од политиката и има намера да живее во Прилеп, но на 14 јули е уапсен од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција.

Судењето трае доста кратко и по само два дена, на 21 ноември, Ченто е осуден на 11 години затвор. Затворен е во скопскиот затвор „Идризово” каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија” и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани само триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.

Пуштен е условно на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп. И по излегувањето од затворот не се откажал од идеите на самостојна и обединета Македонија.

Долги години по смртта, Методија Андонов – Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов – Ченто, е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија Ѓорѓи Иванов постхумно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија” орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.