Филипче најави полициски час во Македонија!

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека доколку мерките за заштита од Ковид-19 не дадат резултат, ќе има препорака за рестрикција во движењето.

Тој рече дека болничките капацитети се пополнуваат и дека лекарите и сестрите се под притисок. Но, тие, додаде, се мотивирани, работат и нема да се случи болните од ковид да останат без медицинска нега.

Заради очекуваниот есенски бран и зголемениот број на нови случаи, Филипче истакна дека Комисијата за заразни болести предложи до Владата нови рестриктивни мерки како задолжително носење маска на отворено, забрането групирање на повеќе од четири лица по 22 часот. Зголемени се сите ингеренции на сите инспекторати, што работат на терен и пакетот на дополнителна рестрикција и ингеренции ќе даде резултати.

– Искрено верувам дека овие мерки ќе дадат резултат. Но, доколку не дадат сигурно дека ќе има препорака за рестрикција во движење. Најпрво скратување на работните часови на одредени економски субјекти, угостителски објекти, но и рестрикција во движењето. Видовме какви искуства имаа некои земји кои нагло ги отворија градинките и училиштата. Затоа ние поучени од тоа, постепено ги отворивме училиштата. Но, тие земји се соочија со еден нагол скок на случаи, нагло оптеретување на болничките капацитети, како во Израел, каде мораа да воведат рестрикција во движењето. Тоа ќе следи ако имаме и понатаму зголемување на бројот на дијагностицирани случаи и дополнително оптеретување на болничките капацитети, потенцираше Филипче во изјава за Канал 5.