Во ОУ „Гоце Делчев“ заразена наставничка, 17 деца во изолација следат онлајн-настава
Министерката за образование и наука Мила Царовска потврди дека наставничка на деца од прво до трето одделение во ОУ „Гоце Делчев“ во Скопје е позитивна на КОВИД-19 и од вчера е во изолација, како и учениците на кои им предава.
– Тие се сите од вчера заедно во изолација за да може да се спроведат сите безбедносни мерки за инфекцијата да не се пренесе во училиштето. Наставата кај овие 17 деца тече онлајн преку наставничката бидејќи таа се чувствува добро. Ова е единствен случај во целата држава каде што имаме деца во изолација. Имаме други пет наставници кои биле позитивни, но спроведувале настава онлајн и не биле во контакт со свои колеги или со деца, рече Царовска, одговарајќи на новинарски прашања на настанот „Speech4Teachers“.
На прашање дали по појавата на овој случај е оправдана мерката најмалите задолжително да одат на настава со заштитни маски, Царовска одговори дека носењето маски е по препорака на Комисијата за заразни болести и тоа, како што рече, нема да го дискутира тоа и да го става под знак прашалник зашто тие се експерти.
Во врска со протестите на средношколци во Кичево кои бараат настава со физичко присуство, министерката рече дека МОН е во партнерски однос со Сојузот на средношколци и дека е договорено одлуките да се менуваат доколку се подобри епидемиолошката состојба, а ако не, тогаш да се почитуваат одлуките на Комисијата за заразни болести.
Ги повика и средношколците и нивните родители да се однесуваат конструктивно и да размислат дека новиот начин на учење е за доброто за здрвјето на целото население, особено за општините каде што живеат. (МИА)