Владата без решение, центрите за лица со попреченост останаа под клуч
Сепак вратите на дневните центри за децата со попреченост остануваат затворени и покрај тоа што владата соопшти дека го утврдила протоколот за работа на дневните центри за деца и лица со попреченост во услови на епидемија и заразната болест КОВИД 19.
Дневните центри ширум државата се затворени веќе 7 месеци, а родителите и понатаму се жалат на лошиот третман од страна на министерството за труд и социјална политика и министерката Јагода Шахпаска кон овие лица, укажувајќи дека се соочуваат со дискриминација и изолација, додавајќи дека за овие лица педагошко психолошкиот и социјален аспект се многу важни.
-Веќе подолго време апелираме да се отворат дневните центри за лица со попреченост, но министерката Шахпаска нема слух за нашите барања. Децата и лицата со попреченост влегуваат во 8-миот месец откако се затворени дома, без никаква физичка активност, целосно изолирани, вели еден загрижен родител и додава:
-Ова е срамота, додека власта ги отвора границите, во исто време носи дополнителни мерки за заштита од пандемијата, а нашите деца ги затвори дома. Ова е полошо и од затвор. Чесно е да кажат дека нема стратегија за овие лица и ние како родители кои сме засегнати да се вклучиме во изнаоѓање на решенија за проблемот, а не да се однесува несериозно. Не ги знаеме ниту протоколите за работа, не знаеме ниту дали ќе има скрининг на вработените во дневните центри. Целата оваа состојба дополнително ја влошува нивната и така тешка ментална состојба.
Дополнително расте револтот на родителите и поради фактот што никој од владата ниту ресорната министерка Шахпаска се нема огласено за оваа категорија на граѓани, под кои протоколи, на кој начин и дали воопшто е планиран масовен скрининг на вработените во центрите, со оглед на тоа што лицата со попреченост се соочуваат со дополнително влошена здравствена состојба.
Ако се земе во предвид дека во Македонија има 25 дневни центри за деца и лица со попреченост, а до сега се регистрирани 2678 деца со умерени и тешки пречки во менталниот развој, коишто живеат со своите биолошки родители или се сместени во згрижувачки семејства, а владата и Шахпаска не можат да се најдат решение и да се соочат со предизвикот, тогаш што би било доколку се работеше за бројка поголема од оваа.