Вучиќ – Усогласени прашањата за исчезнатите и раселените лица, отворена темата на ЗСО, најтешкото доаѓа

По Вашингтон, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти денеска во Брисел одржаа нова средба за нормализирање на односите меѓу двете држави под покровителство на ЕУ, со домаќините, високиот преставник на ЕУ Жозеп Борел и специјалниот посредник Мирослав Лајчак.

На состанокот е постигната „суштинска согласност“ за три теми: исчезнатите лица, внатрешно раселените лица и економијата, а отворена е темата за Заедницата на српски општини, изјави по состанкот Вучиќ.

-На масата на дневен ред доаѓаат најважните и најтешките прашања, за кои имаме потполно различни ставови, така што ќе биде компликовано и тешко.Очекувам да се разговара за економскиот план за закрепнување на Западен Балкан и очекувам поддршка од ЕУ, во наредните месец дена, да видиме колку од инфраструктурните проекти може да добиеме, изјави Вучиќ.

Покрај прашањето за Заедницата на српски општини, денеска се отворени и темите за имотите и за финансиските побарувања, а следниот состанок на највисоко ниво во Брисел, планиран е за 28 септември, кажа Вучиќ.

Тој најави и дека веднаш по формирањето на новата Влада на Србија, сите што учествувале во преговорите со Косово, ќе го известат Собранието на Србија за тој процес.

Пред денешниата средба, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиерот, Авдулах Хоти, му потврдија на министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, дека даваат најголем приоритет на евроинтеграциите и продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, соопштија од Европската служба за надворешни работи.

-Во оваа насока, неодамна договорените документи во Вашингтон, врз основа на претходните обврски преземени од двете страни во врска со дијалогот, може да дадат корисен придонес за постигнување на сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализирање на односите, се вели во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

Дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ по повеќегодишен застој, обновен е во јули годинава.

Пред средбата во Брисел, Србија и Косово во Вашингтон, во присуство на американскиот претседател пред Доналд Трамп потпишаа договори за нормализација на економските односи. (МИА)