Почитувана Захариева,
Проследувајќи ги вашите изјави последните денови на ТВ, човек не може, а да не се запраша дали се работи за хумористична програма или трагикомедија. Во една од вашите изјави во врска со македонскиот идентитет ќе истакнете „никој не им оспорува да се самоопределат како што сакаат“. Е баш Ви благодариме, небаре од Вас чекавме дозвола и од Вас зависи тоа. Нејсе, токму горенаведениот факт е всушност вашата болка, ВАШ проблем. Не наш. Не македонски. И секако, вашиот комплекс тука не завршува, напротив тука почнува.
Веднаш потоа, во стилот на брзата птица тркачица или итрица во истоимениот цртан филм, со брзина на светлината и самата веднаш се демантирате, па ќе истакнете дека тоа право ВИЕ им го признавате и го дозволувате, само од 1944 година натаму. Хаха, смешно, нема што. А кој ве праша? Македонскиот народ сигурно не. Не му е грижа за вашите фантазии.
Кои сте па вие да одредувате туѓи истории, туѓи колективни мемории и национални чувства? Небаре имате монопол врз историските факти, па вие ќе диктирате новокомпонирана политичка лажна историја, па уште не за себе туку и за други? Нема да дозволиме. Сеуште ја повторувате истата грешка, не учите од историјата, туку настојувате да ја измените, сакајќи да ги скриете своите историски грешки. Секогаш на погрешна страна на историјата. Историјата ви се повторува.
Г-ѓо Захариева, за нас историчарите, па и за македонскиот народ, вие сте само уште една жална фигура која ја повторува истата матрица, и која не може да излезе од бугарската матрица за негирање на македноскиот идентитет, јазик и култура. Добро би било да се надраснете. При очи се правите слепи. Вашето негирање на вековното постоење на еден народ, со свој јазик, своја уникатна култура прифатена во целиот свет, со сопствена и засебна историја, за нас не е ништо ново. Напротив, да сте ја проучиле подобро македонската историја, ќе сте заклучиле дека не сте ни први ни последни во вековната низа на негатори, а сепак македонскиот народ, јазик, култура, традиција, колективна меморија и национално чувство опстанале и опстојуваат до денес. И тоа евашиот комплекс и вашиот проблем. Но, повторувам, тоа е Ваш, не наш, не македонски.
Ние нашите проблеми во вид на предавници и политички квислинзи, како и во минатото, така и сега, ќе ги пребродиме, македонскиот народ ќе ги надживее и повторно, како и секогаш, сам без никаква странска помош од некоја од големите сили, сами ќе си се избориме за нашите правдини. Впрочем, слушнете ја македонската химна, токму тоа и се пее во неа.
Со изјавата дека го признавате самоопределувањето на македонскиот народ од 1944 година, дали сакате да кажете дека во Македонија се водела ГРАЃАНСКА ВОЈНА? Се бореле БУГАРИ против БУГАРИ? Хаха, каков хумор. Тоа не поминува. Сакате како „браќа“ да не ставите на страната на силите на Оската? Не, не, тоа не може. Колку и да сакате тоа и да го направите, не ќе можете, бидејќи вистината е сосема спротивна. Македонија и македонскиот народ во Втората светска војна ја одбраа вистинската страна, страната на Антифашистичката коалиција, а не како Вас погрешната страна и, пак, само поради САН СТЕФАНСКИОТ сон. Македонската војска сама ја ослободи Македонија.
Вие бевте тие кои со сите административни, полициски, воени и предавнички сили настојувавте тоа да го спречите. Ако бевме „браќа“ зошто така ѕверски ги убивте: Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Цветан Димов, Васил Антевски Дрен, Вера Јоциќ, Кире Бајрамчевски, Ваташките деца, Кузман Јосифовски – Питу, Дабничкото клање и др. и стотина други испративте во затвори и интернации само поради тоа што беа МАКЕДОНЦИ. Нивниот идеал беше самостојна, независна и обединета македонска држава, со МАКЕДОНЦИ, МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА. Вашите административни, полициски, воени сили требаше сето тоа да го оневозможат. Но, не успеаја во тоа. Дали тоа е „братски“, почитувана Захариева. Или по умесна би била онаа народната:
„- Кој ти ги извади очите?– Брат ми.– Се гледа по дупките. Многу се длабоки“. Благодарам за такво братство, почитувана Захариева.
Зарем според Вас, членка на ЕУ, во XXI век, неоснованото и политички диктирано негирање на факти, аргументи и научни докази и трудови (домашни и меѓународни) за историскиот континуитет на македонскиот народ, ОСОБЕНО ПРЕД 1944 г., се европски стандарди? Што промовираат европските стандарди, НЕГАЦИЈА ИЛИ АФИРМАЦИЈА на различностите? Сметам дека е второто. И сум сигурен дека тоа лежи во основата на европските стандарди. Но тука, за жал, се наоѓаме во период во кој се почесто се доведувани во прашање „европските принципи“ . Несомнено дека во прашање е кризата на идентитет на ЕУ и нејзините цели и вредности. Во моментов, политичка предност ви дава членството во ЕУ – „блудницата Вавилонска“ – која е само бледа сенка од некогашните европските стандарди и наместо еднаквост и соработка, ја злоупотребувате за уцени и закани.
Треба да Ви биде јасно, што побрзо ја прифатите реалноста, дека за сосед имате повеќе вековен народ, МАКЕДОНСКИ, КОЈ ЗБОРУВА МИЛОЗВУЧЕН МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ИМА СВОЈА УНИКАТНА ИСТОРИЈА И КУЛТУРА, ќе Ви биде полесно и на Вас и на Вашата политичка гарнитура која сеуште мечтае за неиживеаниот сон за САН СТЕФАНСКА БУГАРИЈА. Но, тоа е завршена приказна. Си го имате како државен празник за да Ве потсетува на Вашите неуспеси кои дури и во XXI век не можете да ги пребродите.
Па така, доаѓаме до политичкиот „Договор за пријателство и добрососедство“ (ако е тоа!?), а кој во суштина, е сосема спротивното. Велите „основата на нашиот договор е историјата“?!?! и дека истиот требал да ги реши историските работи, а преку тотално идентитетско, јазично и историско обезличување на македонскиот народ.
Почитувана Захариева, до денес не ми е познат договор за добрососедство и пријателство меѓу две држави во кој како основа за негово реализирање се става историјата. Со ова само се потврдува она што го зборувам од потпишувањето на договорот, дека е асиметричен на штета на Македонија. Повеќе од јасно е дека комисиите се продолжена рака на политичарите и нивната улога е само „про-форма“ со цел да го легитимираат и да му дадат привид на научна тежина на веќе договореното меѓу политичарите, што во јавноста, неодамна, го потврдија и поранешниот премиер З. Заев, кога изјави дека решение ќе се најде, Бујар Османи кој истакна дека договорот е потпишан и мора да се реализира, а исто така и на бугарскиот премиер Борисов кој изјави дека за нив работата е решена со потпишувањето на договорот и Македонија е таа која треба да го реалзира, како УСЛОВ/УЦЕНА за почеток на преговорите. Многу итро, нема што. Ниту е „добрососедски“ ниту „пријателски“ ниту е договор. Само една ништовна уцена дадена од позиција на сила, завиена во украсна хартија. Никого не излажавте, свесен е македонскиот народ, со векови го градел имунитетот на ваквите итроштини.
Еве еден предлог. Пријателски и добрососедски, поддржете го патот и влезот на Македонија во ЕУ без услови и уцени, па откако станеме членка, тогаш како еднакви и без можност и механизам да поставувате уцени и услови со цел да наметнувате решенија, нека седнат историчарите од двете земји, на научни собири, конференции и нека работат врз основа на научна методологија. Не ќе да ви одговара така, нели? Вие најдобро си знаете дека аргументите не се на Ваша страна и затоа со крајни сили и ултимативни барања ги злоупотребувате механизмите на ЕУ од позиција на надмоќ, со цел да спречите објективно и научно толкување на историјата и прифаќање на истата, колку и да е болна за вас. Е, ама и ние го знаеме истото. Поради тоа, вашиот ултиматум да се делегитимираат и обезличат македонските историските факти и аргументи, е осуден на пропаст.
Самите кажавте, дека договорот (читај: уцената) е поради историјата. Испорачаните решенија барате да бидат политички, а не решенија на комисии донесени врз основа на научна методологија и ослободени од политички притисок, уцени и рокови. Истите треба да ви послужат за добивање на легитимитет на вашите наметнати аспирации преку политичкиот диктат. Следствено, сметам дека комисијата треба ан блок да се повлече и да ги прекине преговорите. Ова е уште една причина за неизбежниот неуспешен крај на уште една ваша историска грешка и неправда. Политички договори се склучуваат, но и се раскинуваат.
Политички сојузи и унии се формираат, но и се распаѓаат, идентитетот и јазикот остануваат.Па така, македонскиот народ во некои подобри и поповолни времиња, ќе и пресуди и на оваа неправда и ќе си дојде по своето. Македонија имала, има и ќе има синови и ќерки кои ќе се изборат против неправдите. И тие ќе бидат повторно дел од нашата историја, колективна меморија и национална свест. Тие ќе бидат наши херои кои ние ќе си ги славиме и сеќаваме. А вие? Веројатно повторно ќе се обидувате на секој начин да ја измените историјата, срамејќи се од своите претходни постапки и историски грешки.
За крај, почитувана Захариева, ние не сме „един народ“, напротив ние сме два многу различни народи со испреплетени, но дијаметрално спротивни истории. Вие нацифашисти, ние антифашисти. Вие окупатори, ние борци за слобода и самостојност. Вие уцени и услови, ние почит и разбирње. Ниту нашите претци, ниту ние, ниту нашите потомци ќе прифатат поистоветување или изедначување со вашиот или со било кој друг народ и нација. Ние знаеме кои сме и што сме, какви сме такви сме, Македонци сме. Никогаш ништо друго и поинаку.
Само со меѓусебно респектирање и почитување на различностите, без било каква уцена и негирање, со меѓусебно прифаќање на историјата како два посебни и засебни народи, можеме пријателски и добрососедски да чекориме кон и во Европа. Европската унија и нејзините стандарди Ви се постојано во уста, но за жал, европските стандарди, кај Вас, сеуште не успеале да надвладеат и се уште не сте излегле од матрицата на вашите претходници. Со еден збор: СТАРА МАТРИЦА, СТАРА ПЕСНА.П. С.Вам можеме само да ви бидеме благодарни поради фактот што со постојаното негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура го постигнувате спортивното: САМИТЕ ВИЕ ИСТИТЕ СИЛНО ГИ ЗАЦВРСТУВАТЕ.