Најстарата ликовна колонија во земјата – “Дебрца”, по 36-ти пат, започнува на 1 август

Во сабота, на 1 август, започнува, 36-та, по ред, и најстара ликовна колонија во земјата – “Дебрца”, во селото Белчишта, општина Дебрца.

Почетокот е осмислен и како чин на одбележување на националниот празник Илинден, а за што учесниците, еден ден, ќе создаваат во историското село Црвена Вода, местото каде е формиран Инцијативниот одбор за свикување на АСНОМ, направен е подборот на делегатите, како и Нацрт – одлуките за Заседанието во “Прохор Пчински”.

Од 1983 година, Колонијата има своја Галерија, најнапред скромна во старата зграда на поранешната, како што ја нарекуваат овде, италијанска касарна, од времето на окупацијата, додека од 2005 година, свој, современ објект со сите услови за галерискo ускладиштување и презентирање. Има и посебен дел, во кој, се сместуваат дел од учесниците.

Учествуваат 12 до 15 уметници кои творат исклучиво на територијата на Дебрца, а во досегашното постоење зеле учество над 200 уметници, од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Грција, Полска, САД, Канада, Герамнија, Малезија, Русија, Узбекистан, Украина, Кипар, Монголија и други земји.

Организирани се 115 изложби во Република Македонија. Колонијата соработувала со повеќе колонии од Македонија и другите земји, како и со Факултетот за ликовна уметност во Скопје.