На денешен ден е роден Христо Узунов
На денешен ден 22 февруари 1878 година во Охрид, роден е и македонскиот војвода Христо Узунов.Узунов е еден од плејадата големи македонски револуционери кои го положија својот живот пред олтарот на слободата за Македонија.
Ова е прошталното писмо пред неговото погибје.
Браќа,
Допуштам да сме предадени, но верувам и дека е тоа случајно. Ванчо излезе и беше убиен уште во 10 и три четврти раното, а исто така и четникот Јонче од Дворци (Кичееско), кој беше со Пецо.
Мојата архива е распрсната низ целото село. Им ја доверив на три жени, кои не ги познавам. Ванчо исто така ја оставил архивата кај една жена, но не ја знам. Побарајте ја, ќе ја најдете.
Причината зошто не ризикуваме да удриме утринава беше во тоа што од 7 – 8 страни ни отворија оган, па мислејќи дека се мнозина, решивме да се бориме, макар и против поголеми сили, кои што ги очекуваме да дојдат.
Уверен дека не ќе бидеме спасени, за последен пат Ви испраќам братски поздрави на сите другари и пријатели.
Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша. Тоа се Охридски пари.
Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние коишто му служат, зашто само искреноста и често срдечноста ја издигнале внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од аномалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари. Да гледате колку што е можно побрзо да ги уништите оние досега раководни сили во Организацијата, кои му нанесле штета на делото, како што е Сарафов, а не да се накажуваат само прости работници.
Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата св. Организација.Досега намерно со ништо не сум му напакостил на Делото, а ако сте забележале во мене некои грешки, бидете уверени дека тие станале против мојата волја. Молам извинување.
Молам особено да ја поздравите мојата љубезна мајка, којашто никогаш не сум ја заборавил, бидејќи таа ме направи ваков. Нека ме извини и таа дека со ништо не се зарадувала од мене. Особено го поздравувам брат ми Ангеле. Го добив неговото последно писмо и останав задоволен. Да оди во истиот пат што ми го соопшти во писмото. Го советувам да не се одделува од мајка ми. Поздравете ги и роднините.
За последен пат ќе ви повторам. Бидете искрени и пазете основните закони на Орган и Устав.
Останувам со братски бакнежи.
Христо Узунов
И ако Христо Узунов падна, на врагот жив се не даде.
Слава му.