Сиљановска-Давкова: Време е економските односи со Индија да добијат нова динамика

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Македонско-индискиот бизнис форум, организиран во рамките на официјалната посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму.

Според Сиљановска-Давкова, посетата е силен поттик за интензивирање на економската соработка преку поврзување на македонската и индиската бизнис-заедница.

„Економскиот подем на Индија и визијата „Виксит Бхарат 2047“ природно се надоврзуваат на македонската „Национална развојна стратегија 2024-2044“, како цврста основа за долгорочно партнерство“, рече претседателката.

Според неа, неодамна склучениот Договор за слободна трговија меѓу Европската Унија и Индија е од исклучително значење за продлабочување на трговската размена, особено во автомобилската индустрија, фармацијата, металургијата, прехранбената индустрија и дигиталните технологии.

Индиската претседателка искажа верување дека од денешниот бизнис форум ќе произлезат нови идеи и дека истиот ќе отвори нови можности за соработка. Таа истакна дека во заеднички интерес е ако двете земји работат во насока на подобрување на економската соработка. Посочи неколку области како можност за инвестиции, односно дигиталните иновации, вештачката интелегенција, здравствената заштита, преработката на храна.

Сиљановска-Давкова укажа дека сегашниот обем на трговска размена не ги одразува целосно одличните политички односи и реалниот потенцијал за економска соработка меѓу двете држави. Таа ги издвои стабилните макроекономски показатели, растот на индустриското производство и отпорноста на македонската економија, како значајни предности за привлекување нови инвестиции.

За неа, Индија, како еден од глобалните двигатели на индустрискиот, технолошкиот и дигиталниот развој, и македонската држава, како порта кон европскиот пазар, се комплементарни економски партнери.

Таа ги охрабри македонските компании поактивно да ги искористат поволностите на индискиот пазар и апелираше во следните пет години трговската размена меѓу двете држави да достигне најмалку 500 милиони американски долари.

Покрај македонската и индиската претседателка, на Македонско-индискиот бизнис форум се обратија: министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK