Злоделото во Лешочки манастир – никогаш да не се повтори!
На 21 август 2001 година, терористи на ОНА ја минираа и целосно уништија манастирската црква “Свети Атанасиј“ во далеку прочуениот Лешочки манастир под Шар Планина.
Уништувањето на манастирот предизвика широка реакција во Македонија и светот. Чинот на рушење бил споредуван со настаните од Авганистан, кога Талибанците ги уништувале будистичките храмови во земјата.
Со силна детонација во 3 часот утрото, црквата беше разрушена до темел, со минирање. Остана само нартексот од западниот дел и скоро целиот западен ѕид од наосот. Двете куполи на нартексот исто така останаа. На јужната купола беа видливи конструктивни пукнатини. Од експлозијата сè беше уништено, освен неколку фрески на светители. Исто така, оштетени беа и манастирските конаци, изградени во XIX век одјеромонахот Езекил. Конаците претходно биле неколкупати поправани и санирани, а целосна санација била извршена во периодот од1993 со 1996 година. Како резултат на експлозијата, беа настанати значителни оштетувања на кровната конструкција и на фасадата. Поголеми оштетувања имаше на прозорците: искршени беа стаклата и руинирани цели прозорци.
Просториите во приземјето и на катот од конаците беа значително оштетени, особено градежната столарија. Беше извршено ограбување на сите вредни работи од конаците, меѓу кои и предмети од историска вредност. Капелата во чест на светите Кирил и Методиј, во манастирскиот конак, беше обиена и имаше оштетувања од детонацијата на малтерот на плафонот. Полиелејот беше искршен и неупотреблив. Четири престолни икони беа оштетени, а украдени беа и Светите Садови од Светата Трпеза.
Во кругот на манастирскиот двор беше оштетен и гробот на архимандритот Силвестер и гробот на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ. Не беше поштедена ниту новата летна трпезарија, која беше обиена и покрадена.
Иако разурнат, манастирот сепак на 28 август 2001 беше посетен и во него прославен празникот на Успението на Пресвета Богородица, но не со зурли и тапани, туку со солзи. Некои од посетителите ги завиткуваа парчињата скршени црковни камења во крпи и ги земаа со себе деловите од она што некогаш било фасада или фреска од свет храм, другите ги бакнуваа урнатините клекнати на колена, трети ги бришеа солзите од жал и јад.
Неговото преосветување беше на 14 октомври 2007 година, кога Македонската православна црква прославуваше 40 години од својата автокефалност. На празникот на Покров на Пресвета богородица беше извршено осветување на црквата „Св. Атанасиј“. Осветувањето на црквата го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а на чинот на осветувањето присуствуваа и поголем број од архијереите на Синодот на МПЦ.
„Колку малку требаше нечија омраза, па овој храм да се претвори во урнатини, и колку многу љубов требаше потоа, па од купот камења повторно да се изгради ова велелепно дело“, изјави по осветувањето поглаварот на Македонската православна црква – Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан.
Зографисувањето заврши по 10 месеци активно работење на седуммина зографи од Националниот конзерваторски центар п Исцртувањето на фреските и уметничкото уредување на внатрешноста почна во октомври 2006 година.