Дурмиши по седницата на ЕСС: Преку партнерство до решенија за економски раст, подобри услови за работа и животен стандард

Само преку партнерство и заедничко креирање политики можеме да донесеме решенија што ќе придонесат за стабилен економски раст, подобри услови за работа и повисок животен стандард на граѓаните – порача по денешната седница на Економско-социјалниот совет министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Економско-социјалниот совет ја усвои годишната програма за работа за 2026 година и ги разгледа предлог-законот за високото образование и предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката.

Со годишната програма е утврдена динамиката на работа и се поставени приоритетите за темите што ќе бидат предмет на социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и организациите на работодавачите. Меѓу нив, како што изјави Дурмиши, се политиките за вработување, минималната плата, потрошувачката кошничка, работните односи, безбедноста и здравјето при работа, младинските политики, продуктивноста, како и други прашања, кои директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните и конкурентноста на македонската економија.

Дурмиши посочи дека предлог-законот за високото образование и предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката посветуваат значително внимание на поврзувањето на високото образование со реалните потреби на стопанството.

– Денешниот пазар на труд бара современи знаења, практични вештини и поголема усогласеност меѓу образовниот систем и потребите на работодавачите. Токму затоа ваквите реформи претставуваат важен чекор кон создавање поквалитетен човечки капитал, повисока вработливост на младите и посилна конкурентност на нашата економија – изјави Дурмиши.

Економско-социјалниот совет, наведе Дурмиши, и понатаму ќе остане главната платформа за отворен, инклузивен и аргументиран дијалог меѓу Владата, работниците и работодавачите. Само преку партнерство и заедничко креирање политики можеме да донесеме решенија што ќе придонесат за стабилен економски раст, подобри услови за работа и повисок животен стандард на граѓаните.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK