Битолските актери премиерно ја одиграа шекспировата „Кориолан“ на „Охридско лето“

Народниот театар – Битола вчеравечер на „Охридско лето“ премиерно ја изведе претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир во режија на американскиот режисер Џон Блондел.

Претставата се покажа дека е идеално дело за актерите од Битолскиот театар бидејќи нивната енергија и сценски израз совршено одговараат на материјалот, а визуелните и музичките автори од ансамблот ја издигнаа оваа политичка трагедија до високо ниво на театарска поезија.

Во „Кориолан“ играа Огнен Дранговски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Марјан Георгиевски, Сандра Грибовска, Јулијана Мирчевска и Петар Спировски. Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, а музиката за претставата ја напиша Александар Димовски.

Режисерот Џон Блондел посочи дека „Кориолан“, иако е напишан пред повеќе од четири века, останува актуелен поради темите за моќта, политиката и односот меѓу власта и народот.

-Видете го овој неверојатен простор во кој се наоѓаме моментално.Навистина магично место со стари корени за изведување претстава. Атмосферата е извонредна за гледање претстава како оваа вкоренета во минатото и сегашноста. Ова е перформанс полн со интимни, автентични и изненадувачки моменти. Се надевам дека гледачите понесени од приказната ќе ја вметнат во нивната имагинација за да се почувствуваат како да се на сцената, рече режисерот Блондел кому ова му е петта соработка со битолските актери.

Според директорот на Народниот театар-Битола, Васко Мавровски, се работи за многу интересна претстава со нова естетика, претстава којашто од 40-тина ликови е сведена само на седум и во неа, како што вели, е собрано само есенцијалното од текстот.

-Секогаш кога ќе се спомене Шекспир, луѓето очекуваат дека тоа ќе трае два часа и повеќе. Ние успеавме за 80-тина минути да направиме многу добра и естетски поткована претстава на еден наш препознатлив јазик, односно препознатлив јазик и за режисерот Џон Блондел којшто по стотти пат го покажува тоа на сцена, појаснува Мавровски.

Концептот на претставата е насочен кон минималистички сценски израз, со акцент на актерската игра и текстот.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK