Александар Сашко Кукулев – авторот на бестселерот “Како избравме американски претседател” (Ексклузивно интервју)
Александар Сашко Кукулев новинар и публицист, е исклучително продуктивен и интересен автор кој вниманието на македонската публика го привлече со сагата за вечното почивалиште на велешкиот учител Панко Брашнаров, последното интервју со Бојка Вапцарова (музата на големиот Вапцаров), дузина радио драми, документарни филмови, меѓу кои сценариото за “Последниот Македонец – патот до истребување, кој низ болното соочување со одразот во огледалото на македонската историја, сеуште ја бранува македонската јавност.
Александар Сашко Кукулев е автор на поемата “Џез”- за која предговор напиша Др. Иво Шлаус претседателот на Светската Академија на науките и уметностите. Преведена на пет светски јазици, поемата “Џез” беше претставник на македонската соверемена поезија на деновите на поезијата во Рига (Латвија).
Поводот за интервју со овој исклучително плоден автор, одличен познавач на Рацин и фанатичен вљубеник во родниот Велес, е настанот кој при крајот на минатата година повторно го предизвика вниманието на домашната читателска публика – промоцијата на романот “Како избравме американски претседател” .
ЗБОР: ‘Како избравме американски Претседател’ е ода за младите сајбер бунтовници од Велес или стапица за зависниците од теории на заговор ?
- Кукулев: Од двете по малку, иако пред и над се’ романот се занимава со социолошката премиса дека човекот е структуриран во константна потреба од сомнеж дури и кога воопшто нема потреба од тоа .
ЗБОР : Беше ли агентот на ГРУ Јуриј Навални навистина во Велес таа 2016 година?
- Кукулев: Јуриј е главен лик во романот “Како избравме американски претседател” и читателите го доживуваат како хипер реалистичен лик кој им помага конечно да го забележат светот во кој живеат. Нема зошто да не им верувам.
ЗБОР: Што е тоа што беше скриено во железнички тунел кој нацистите го минираа во 1945 во близината на Велес?
- Кукулев: Што и да било, ако нешто воопшто било скриено, повеќе не е таму. Можеби еден ден @Ања2311 ќе ни дојави дека “Портретот на момче” од Рафаело, го пронашол својот дом во некој од руските музеи.
ЗБОР : Постои ли Вера?
- Кукулев: Постојат многу слични жени на неа, жената сама по себе е прекрасна тајна, а ако со себе носи тајна онаква каква што е онаа на Вера, тогаш имате потполно право да се сметате за среќни што сте ја запознале.
ЗБОР : Каде е гробот на поп Богумил?
- Кукулев: А каде би бил ако не е во Богомила, прочитајте ја книгата , можеби ќе ви се посреќи да го пронајдете.
ЗБОР : Кои се чуварите на крстот на Св. Георгиј?!
- Кукулев: Постојат податоци дека во православието егзистира(ло) такво братство , нешто налик на Opus Dei кај римокатолиците, ваше е дали ќе верувате во тоа или не.
ЗБОР : Дали навистина велешките тинејџери му помогнаа на Доналд Трамп да стане претседател? Познавате ли некој од нив?
- Кукулев: Не. Не познавам… а и да познавам, во романот тие се споредни ликови, суштината е во начинот на кој тие ставија прст во окото на светот. Тоа е фасцинантното во целата приказна ! Тие момци не мора да бидат оправдани но мора да бидат почитувани!
ЗБОР: Роза Долинска за многумина е македонската Мата Хари, ретко читаме за жени во разузнавањето, постојат ли навистина такви примери?
- Кукулев: Сакам да верувам дека постојат, Македонија има врвни професионалци во областа на безбедноста и немам причини да се сомневам дека можеби и сега, тука покрај нас, некоја нова Роза Долинска создава историја.
ЗБОР : „Како избравме американски претседател“ нема да биде роман на годината…
- Кукулев: Да, политбирото веќе ќе си избере свој роман за таа намена.
ЗБОР : Вие сте автор и на “Патувањето на Петар Келемен” романот во кој до детали е опишан атентатот во Марсеј 1934 година.
- Кукулев: Да и топло го препорачувам на сите, кои имаат потреба од една поинаква историска перспектива. Го промовиравме во Скопје и Белград, останаа Софија и Загреб за да ја заокружиме целината на настаните од окромври 1934 година.
ЗБОР : Новата сезона на “Сенки над балканот” се занимава со истата проблематика..
- Кукулев: Не би сакал да бидам параноичен и не го потценувам времето во кое живееме, но и технолошкиот напредок, во основа на своите прапочетоци ја има Ресава.
ЗБОР: Работите ли на нешто ново во моментов, некој нов роман можеби?
- Кукулев: Да
ЗБОР: Ќе ни откриете ли за што станува збор?
- Кукулев: Роза Долинска.