Македонија остана без вајлд-карта минатиот месец за настап на Светското првенство (СП), кое треба да се одржи во Египет, откако ИХФ им ги додели на Полска и Русија, но сега се отвара нова шанса за македонските ракометари да се појават на големото натпреварување.
Мексико нема да ги одржи квалификациите на Северна Америка и Карибите кои требаше да го дадат 31. учесник на Мундијалот во Египет, а причина за тоа е ситуацијата со коронавирусот, па се поставува прашањето кој ќе го добие нивното место на натпреварувањето.
Останаа уште два патници на Мундијалот, кои беа наменети за победниците на квалификационите турнири во Јужна и Централна Америка, како и во Северна Америка и Карибите.
Ова отвора можност ИХФ да го додели местото на некоја од тие селекции по систем на вајлд-карта или нова шанса можеби ќе добијат Македонија, Србија и Црна Гора, кои неуспешно аплицираа во трката со Полска и Русија.