Мицкоски: Недвосмислено сме определени за евроинтеграцискиот пат, ЕУ во континуитет покажува неправедност кон нас

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска уште еднаш повтори дека земјава е недвосмислено определена да продолжи по евроинтеграцискиот пат. Издвојувањето на Албанија, оцени, не значи и нејзино брзо членство во Унијата, а со ваквите потези ЕУ во континуитет покажува неправедност кон нас. Стравувањата дека ќе станеме заробена држава, рече Мицкоски, се беспредметни и дело на внатрешна дневно-политичка динамика.

Со издвојувањето на Албанија од Македонија во процесот на пристапување, направивте лоша услуга на сите скептици и сите сили кои не веруваат во ЕУ. Ние веруваме во ЕУ. И веруваме во тоа дека членството на Македонија во ЕУ е наш стратешки приоритет. Членството во ЕУ е кохезивен фактор долж сите линии на општеството, од етнички, до политички. И недвосмислено сме определени да продолжиме по тој пат. ЕУ во континуитет со вакви потези покажува неправедност кон нас. Иако движењето на Албанија и издвојувањето не значи и нејзино брзо членство во Унијата, нам тоа не ни е прв пат. Бевме во иста група со Бугарија и Романија, потоа со Хрватска, па со Србија и Црна Гора на крај и со Албанија. Јас сум убеден дека ќе се сретнеме пак на тој пак, и тоа им е јасно на сите кои го знаат процесот на проширување и состојбите во ЕУ, но сепак, ние не смееме да дозволиме скептиците да победат и земјата да остане заглавена во геополитичка бесперспективност. Мора членството во Унијата да е живо, процесот да е жив и ние ќе нудиме предлози и решенија за надминување на оваа статус кво ситуација. Истовремено ќе работиме посветено на реформите за членство во Унијата и ќе ја менуваме лошата реалност, тоа е за наше добро и ние сме свесни за тоа, потенцира Мицкоски во обраќањето на 33. годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ што се одржува во Охрид.

Тој најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси.

Диктати, да биде јасно, не прифаќам. За овој процес е потребно и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ. Ние планираме да ја вклучиме и опозицијата во процесите, кога ќе дојде време за тоа. Нема да ветуваме работи кои се неостварливи, но и нема да пропуштиме да ја консултираме опозицијата и да побараме поддршка за нашите напори. Сепак, целите ни се заеднички и немаме дилема околу тоа. Веќе следната недела ќе испратам писмо до сите инволвирани во кое и на таков начин ќе ја обзнанам и потврдам мојата недвомислена воља за дијалог, реформи и изнаоѓање решение. Јас сум на располагање за идеи и дијалог и тоа сите скептици треба да го знаат. Темите како изолација се повеќе стравови и психолошки товар за скептиците од најразлична провиниенција. Ќе продолжиме напред, се допаѓало тоа некому или не, подвлече Мицкоски.

Напомена и дека нему лично, власт не му треба по секоја цена.

Тоа сум го кажал од првиот момент кога станав претседател на најголемата политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ која помина исклучително тешки, би рекол, ненормални предизвици и борби за да дојде до оваа огромна поддршка која ја има денес. Власт не ми треба. Сакам да променам нешто, сакам да подобрам. Тоа е мојата надеж и мојот идеал за кој зборувам од почетокот на овој говор, истакна Мицкоски.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.