Разрешени економските директори на Токсикологија, Неврологија, Ревматологија, Стоматолошка клиника, Психијатриска клиника…

Новиот министер за здравство Арбен Таравари уште на првиот ден по седнувањето на министерското столче веднаш разреши осум економски директори, кои се водат како вршители на должност и за кои не постои законска пречка за ексресно да ги напуштат фотељите.

Според информации на „Фокус“, во моментот разрешени се директорите на скопската Клиника за неврологија, Ендокринологија, Максилофацијална, потоа економските директори на Дерматологија, Ревматологија. Физикална медицина, како и Токсикологија, Стоматолошката клиника и Психијатриската клиника.

Разрешена е и една од „најпознатите“ економски директорки Бесија Иљази на Токсикологија, поради која настана целосен бунт меѓу вработените, а која ја имаше најголемата поддршка од поранешниот министер Илир Демири. Таа на никој можен начин не комуницираше на македонски јазик, ниту со вработените на клиниката, а ниту пак со новинарите, со што предизвикуваше дополнителен револт. Од друга страна, Иљази за тој краток период што беше таму, „палеше и гасеше“ на клиниката.

„Фокус“ на оваа тема пишува повеќе од една деценија, а досега се сменија неколку министри кои ветија нивно разрешување, но никој не си го одржа зборот, туку дополнително се назначуваа нови организациски директори. Дури по 18 години е донесена одлука, која од функција ќе ги тргне луѓето, кои направија огромна штета и ги донесоа клиниките до долгови од вртоглави 100 милиони евра.

Сепак, сите оние кои  имаат менаџерски договори, ќе биде направена промена во Законот, со која ќе бидат и тие тргнати од функциите.

Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, кои имаат 56 директори и 142 члена на управните одбори. До тоа дојде, откако „вмровците“ инспирирани од менаџирањето на банките, одлучија истиот систем да го применат во јавното здравство, така што болниците добија по двајца директори, еден стручен и еден економски директор.

Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето. Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники. Пред да стапат на функција, за нивните шестмесечни курсеви беа потрошени 200.000 долари.

Според сликата што може да се види на терен и според коментарите на лекарите, во директорските фотелји се сместени партиски војници, кои наместо да имаат контрола над финансиското работење, тие во последните години ги зголемиле долговите на вртоглави 50 милиони евра. Лекарите обвинуваат дека економските менаџери повеќе се „бореле“ да го спречат штрајкот на лекарите во 2012 со закани за откази и притисоци врз вработените и за казнување на лекарите „непослушници“.

Нестручни, амбициозни, но алчни за моќ. Ваков е профилот на повеќето менаџери во јавното здравство, кои иако се анонимни за јавноста, сепак имаат голем придонес за случувањата на клиниките и за лошото финансиско работење. Според нашите информации, платите на менаџерите на клиниките се движат од 1.000 до 1.500 евра, што значи дека само за една година од буџетот во здравството за нивните плати се одлеваат повеќе од 1,5 милион евра.

Извор: Фокус