Германска болница го тужи ФЗОМ за 430.000 евра, зашто „на делумна вересија“ праќал македонски пациенти на лекување
Фондот за здравство нема сјаен ревизорски извештај за 2022 година. Констатираните неправилности се сериозни: Фондот дава пари (условен буџет) за болниците во земјава да купат лекови што не се на позитивната листа, ама потоа не контролира ни што е купено ни што е потрошено. Имаат слаб ИТ систем што ја компромитираше институцијата поради хакерски напад. Трета забелешка на ревизорите е тоа што ФЗОМ не контролира дали се успешни интервенциите на кои ги испраќаат македонските пациенти во странство, а кои во Македонија ги нема. Во ревизорскиот извештај се нотира и дека позитивната листа на лекови не е ажурирана од 2015 година.
Но, она што паѓа в очи е дека Ревизорот во својот извештај го констатирал дека германска болница го тужи фондот зашто тој одобрувал пациенти да се лекуваат таму, но нецелосно го покрил лекувањето. Така на Фондот му се „заканува“ долг од 470 илјади евра за вакви недоплатени интервенции. Дел од судските постапки против ФЗОМ уште се во тек.
Тогаш се јавуваа пациенти кои што имале интервенции за пресадување коскена срцевина во Германија, ама ФЗОМ освен авансот, не ги подмирувал фактурите за дополнителните трошоци што произлегле од лекувањето. Не е невообичаено да произлезат дополнителни трошоци при лекувањето во странство, но нив Фондот ги игнорирал, што довело до судски спорови чиј крај е неизвесен.
Од Фондот пред ревизорот се правдале дека пациентите не барале признавање дополнителни трошоци кои им произлегле од лекувањето во странство.
„Во случај на доставени фактури од странски болници со повисок износ од дадениот аванс, во деловните книги на Фондот тие се евидентираат само до нивото на авансот без да биде земена предвид реалната фактурирана вредност за дадената услуга“, констатира ревизорот.
Ваквото постапување довело до тоа во 2021 и во 2022 година Фондот да се соочи со 12 тужбени барања од германска болница за трошоци направени од 2017 до 2019, а кои биле над износот што Фондот го одобрил. Болниците барале вкупно 430 илјади евра, а Фондот не ги ни завел во деловните книги.
„За дел од тужбените барања донесени се пресуди од германски суд со кои фондот е задолжен да ги плати трошоците за лекување во целост“, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија за 2022 година.
Реализацијата на условниот надомест во јавните здравствени установи нецелосно се следи од Фондот и не се вршени финансиски контроли на наменското трошење на средствата, на набавката и евиденцијата на лековите и извршените здравствени услуги за 2022 година, пишуваат ревизорите.
Во постапката за упатување на осигуреници на лекување во странство постојат слабости и неправилности, не е обезбедена правна заштита на барателите и не е обезбедена контрола на успешноста на лекувањето во странство.
Ревизорите во извештајот потенцираат дека со години му укажуваат на Фондот дека состојбата е ризична поради немањето доволен ИТ кадар и лошата состојба со ИТ системот. Дури и фирмата што го одржува системот, во повеќе наврати алармирала дека имало повеќе обиди за напади со штетен софтвер.
Дополнително се наведува дека во јавните набавки на опрема и услуги за ИТ системот, немало доволно конкуренција, а некои од договорите биле потпишани надвор од законскиот рок.
Во 2022 година владата на Фондот му дала 10 лиценци за користење софтвер кој овозможува да се поврзат податоците од различни бази и да се креираат различни извештаи, но до денот на ревизијата софтверот не се користи, зашто Фондот нема доволен капацитет.