Фуере: Зошто Грција се противи кога Давкова вели „Македонија“, но не и кога ја ословуваат без уставното име „Хеленска Република Грција“?!
„Инаугурацијата на новата претседателка на * Македонија Гордана Силјановска-Давкова, беше засенета од нејзината одлука да каже „Македонија“ при положувањето заклетва наместо новото уставно име „Република * Македонија“, кое произлегува од Договорот од Преспа, од 2018 година, со кој се реши долгорочниот спор меѓу двете земји. Во сите изјави, со кои се критикува новата претседателка, не се споменуваше доцнењето на Грција во исполнувањето на сопствените обврски – ова е уште еден пример за двојните стандарди на ЕУ.“ – нагласува Ерван Фуере, поранешниот амбасадор на Европската Унија во Република Македонија, објавена на порталот „Призма.мк“.
Натаму, покрај другото, Фуере истакнува: Новата претседателка, без сомнение, ќе продолжи да го користи „М“ зборот во дневниот дискурс. Зошто би морала таа да го користи целото уставно име секогаш кога ќе проговори? Колку политички лидери го користат целосното име на својата земја кога држат говори: Америка – Соединетите Американски Држави? Британија – Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска…?
Иако официјалната заклетва што ја потпиша новата претседателка го содржи официјалното уставно име на државата, грчката влада, сепак, тврди дека користење на уставното име во формалната комуникација, но не и во јавните настапи е неприфатливо. Ако ја следиме таа строга логика, зошто не се противи грчката влада секојпат кога некој политички лидер од која било земја ја нарекува земјата „Грција“, наместо да го користи нејзиното уставно име „Хеленска Република Грција“?
Грчката влада допрва треба да ги исполни своите обврски од Договорот, односно да ги ратификува трите протоколи, кои сѐ уште не се усвоени во грчкиот парламент. Во сите изјави, со кои се критикува новата претседателка, не се споменуваше доцнењето на Грција во исполнувањето на сопствените обврски. Ова е уште еден пример за двојните стандарди на Европската Унија и нејзините земји-членки, кои забораваат дека токму ветото на Франција во 2019 година го спречи официјалното отворање на пристапните преговори со ЕУ таа година, и покрај посветеноста, содржана во Преспанскиот договор.
За да станат работите полоши, Бугарија во 2020 година го наметна сопственото вето на отворањето на пристапните преговори со * Македонија. Ова вето немаше врска со копенхагенските критериуми, туку многу повеќе имаше врска со бугарската внатрешна политика. Тоа што оваа бугарска позиција подоцна беше поддржана од ЕУ целосно ги прекрши правилата од политиките за проширување на Унијата и создаде најлош преседан во надворешната политика на ЕУ кон нејзиното најблиско соседство.
Резултатот од овој преседан е тоа што, за да почнат преговорите за пристапување кон ЕУ, македонскиот Устав ќе треба да се смени и да има референца за постоење бугарско малцинство во земјата. Европската Унија и нејзините земји-членки не успеаја да ја разберат и продолжија да ја потценуваат сложеноста на регионот на Западен Балкан. Иако ова само по себе не треба да претставува голема пречка, начинот на кој овој услов беше наметнат, без никаков реципроцитет за бугарската страна, предизвика раздор во македонското општество.
Како минимум, Софија би требало, за возврат, да прифати да ги спроведе многуте пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со кои се повикува бугарската влада да го признае постоењето на македонско малцинство во Бугарија. Бугарските барања ја влошуваат меѓуетничката напнатост во земјата.
Албанската етничка заедница, која претставува над 25 отсто од населението според пописот од 2021 година, ги прифаќа бугарските барања, бидејќи тие не влијаат врз албанскиот идентитет. Мнозинската македонска заедница, разбирливо, се чувствува огорчено, што повторно нивниот идентитет, јазик и историја се поткопани, овојпат од Бугарија, но и со прифаќање на бугарската позиција од страна на ЕУ.
Стари грешки, или позитивни промени?
Неспорно е дека последователните барања наметнати на * Македонија од ЕУ и нејзините земји-членки, во изминатите години направија штета на довербата кон ЕУ во нејзините политики за проширување, поголема отколку во кое било друго време по последното големо проширување во 2004 година. Тоа покажува како Унијата и нејзините земји-членки не успеаја да ја разберат и продолжија да ја потценуваат комплексноста на регионот на Западен Балкан, неговата историја и длабоките вкоренети општествени поделби, каде што помирувањето по конфликтите од 1990-тите години останува далечен сон. Наместо да промовира политики кои поттикнуваат меѓуетничка хармонија, Европската Унија поддржува предлози, кои, како во бугарско-македонскиот случај, дополнително ја поттикнуваат меѓуетничката напнатост.
Извор: Експрес.мк