Жал ми е Брисел, шест години бевме трпеливи со Грција

По заклетвата на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, (за која гласаа над 500 илјади граѓани), која притоа не го изусти зборот Северна, експресно реагираа некои актуелни македонски политичари и политички мртовци. И по автоматизам некои странци, секако… Уште не се имаше исушено мастилото на потпишаната заклетва, изигрувајќи поголеми Грци од Грците, тие побрзаа да ја обвинат и осудат Давкова дека со таквиот чин го прекршила Уставот на државата и ја вратила назад Македонија во изолација, притоа заборавајќи дека Македонија речиси подолго од 30 години, не по своја вина, е во изолација, поради ирационалните барања и условувања на нашиот јужен сосед претходно, а и сега се труди да го направи тоа нашиот источен сосед. Поразително е што овие политичари, кои се одамна веќе политички мртви и кои евтино ги продадоа државните и националните интереси, сега глумат загрижени граѓани на оваа држава за судбината на Македонија, заборавајќи дека токму тие се откажаа од сѐ што е македонско!
Тоа што фрустрира е што истите тие политичари до заклетвата на Давкова ниту еднаш не го кренале својот глас и барем на приватните средби со своите колеги да ги запрашаат: зошто Грција не исполнува речиси ништо од договорот што го потпиша во Нивици?! Затоа што доколку таа „Конечна спогодба за разрешавање на разликите…“ меѓу Грција и Македонија не ја почитува првата страна (имено Грција), и тоа близу шест години, тоа значи дека таа не е добра, не е функционална, а со тоа е и ништовна.
Токму во таа светлина треба да се гледа одлуката на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, која самоиницијативно одлучи да го прескокне зборот Северна со кој луѓето од претходната власт легнуваа и стануваа, употребувајќи го дури и тогаш кога немаше ни најмала потреба, при пуштање селски водоводи, градинки, училишта, сокачиња, слепи улици.
Почитувани мои, проф. Гордана Силјановска ја испушти реф. „Северна“ бидејќи знае дека Преспанскиот договор е нелегален договор! Новата претседателка Гордана Силјановска, не кажувајќи го нелегитимното уставно име на државата со додавката Северна, туку само „Македонија“, со својата постапка ги скрши „стаклените нозе на Преспанскиот договор“. Со овој чин, таа најпрво истакна дека ова испуштање на обврзувачка деноминација е нејзино лично право! А тоа право е неприкосновено! А токму тоа лично неприкосновено право е во директна колизија со Договорот од Преспа. И да поентирам, цитирајќи ги врвните светски експерти и професори по меѓународно право: кога диспозитивното право е во колизија со императивното право, тогаш предност има императивното право, т.е. јус когенс (перемпторно, врховно право).

Господа политичари, читајте малку литература и сѐ ќе ви биде појасно. А читајте и историја, за да си го подигнете патриотскиот дух! Само во таква комбинација, правдината и родољубието ќе излезат и кај вас на површина.
Е па, сега, по сето ова, слободно нека нѐ тужат Грците во Меѓународниот суд, но се сомневам, по пресудата со која минатиот пат го изгубија случајот. Сега само можат да плачат во СБ на ООН и ништо повеќе. А наскоро и таму ги чека тежок пораз. Со над 10 разлика, а за тоа ќе ги повикаме и нашите ракометни репрезентативци, заедно со повеќеилјадната публика од салата „Борис Трајковски“ што присуствуваше и френетично навиваше кога игравме бараж за Светското првенство, против Фарските Острови.
Почитувани мои читатели, веќе е време Македонија по 30 години талкање по европските институции гласно да праша дали таквите ирационални условувања или барања на нашите јужни и источни соседи имаат крај и до кога зачленувањето во Европа ќе го бараме со таква попустлива и поданичка политика, која досега овој народ скапо ја плати. Време е за нов стил на водење политика, особено на меѓународен план, кој ќе нѐ отрезни од сите досегашни заблуди и ќе нѐ спаси од сите понизности.
Замислете, деновиве грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека иако не се согласувал со Преспанскиот договор, сепак тој го почитувал?! За срамота што ја лаже целата меѓународна јавност. Или, пак, извинете, да не сум грешка?! Да не се смета и тој за Македонец и во тоа својство да ја дал изјавата?! Имено, да…! Така е!
Единствено кога станува збор за Македонија, само таа како потписник речиси во целост ги исполни сите обврски од Преспанскиот договор. По 12 февруари оваа година, токму поради стриктното придржување на обврските од Преспанскиот договор, стотици илјади граѓани поради немање лични документи и патни исправи останаа заробеници во сопствената држава и стрпливо чекаат со месеци да ги добијат новите лични документи со новото уставно име на државата за да можат да излезат од неа.
Иако промената на уставното име на државата (за кое своевремено плебисцитарно се изјаснија над 90 отсто од граѓаните на Република Македонија на референдумот на 8 септември 1991 година) тешко им падна, сепак граѓаните на оваа држава во настојувањето да станат граѓани на ЕУ со горчина во душата направија низа отстапки, исполнувајќи ги своите обврски што произлегуваат од договорот.

Луѓе, да не се лажеме: Грција сѐ уште нема ратификувано ниту еден меморандум во својот парламент, што е нејзина обврска во согласност со договорот. На македонските забелешки зошто не ги има сѐ уште ратификувано меморандумите, од грчката страна одговараат дека тие ќе бидат ратификувани кога ќе дојде вистинскиот момент. А кога ќе дојде тој вистински момент, од страна на Атина ниту, пак, од Брисел никој не кажува. Потврда за ваквата состојба најдете и во свежата изјава на поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани, која изјави дека парламентот во Атина требало уште многу порано да ги изгласа меморандумите поврзани со Преспанскиот договор.
Да не одиме дотаму, да објаснуваме дека во Грција, нашата држава, која тие инсистираа и од петни жили се залагаа да се преименува во Република Северна Македонија, сѐ уште ја викаат ФИРОМ или Скопија и тоа може да се види секојдневно на сообраќајните знаци на сите патни правци од кој било граничен премин со соседна Грција. Но, ајде, баталете тоа, на лагата ѝ се куси нозете. Една лага може еднаш-двапати да помине, но постојано – не може. Тоа важи и за Брисел. Веројатно со новите избори во јуни и таму ќе се свестат дека некој во Атина ги лаже.
За нас Македонците, и името и идентитетот се светост! Токму поради ова, раскинувањето на деноминаторската Спогодба од Нивици со која нашиот идентитет доживеа невидена ерозија – е света должност на секој Македонец и Македонка!

Колумна на Менде Младеновски за Нова Македонија