Mасовна средба на Mакедонците од Eгејот, се одржаа третите „Беломорски видувања“
Да не се заборави она што се случи пред 75 години, да покажеме дека постоиме и дека нас никој не не измислил, ова се пораките на Македонците од Егејот кои денеска се собраа на „Беломорските средби“, од каде испратија порака за обединување и посветла иднина на Македонија. Порачаа егзодусот никогаш да не се заборави и никогаш никаде во светот да не се повтори.
„Обврската на нас следната генерација, да ја предадеме палката на овие помладите, гледам ги има многу, да ја задржиме основната цел да не се заборави она што се случи пред сега веќе 75 и шест години. Да покажеме дека постоиме, дека нас никој не не измислил и дека заедно со останатите во Република Македонија се стремиме кон што подобра држава“, рече Сотир Лукровски, координатор на Македонците од Егејскиот или Беломорскиот дел на Македонија.
Егејците велат дека работите за нив не се променети ни по потпишувањето на Преспанскиот договор и дека некои од нив и до ден денес имаат проблем и забрана да влезат во Грција и да си ги посетат своите родни огништа.
„Ние за жал и ден денес имаме проблем да дел од овие луѓе тука што се позади мене, се уште имаат забрана за влез во Република Грција, од не многу објаснети причини, едноставно не можат да влезат, некои да ги видат своите родни огништа, а некои родните огништа на своите предци“, рече Лукровски.
На собирот се слушна традиционалната македонски музика, се играа ора, се пееа македонски песни. Заигра и техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
Присуствуваа и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски и поглаварот на Македонската православна црква- охридска архиепископија, господин господин Стефан. Во граѓанската војна во Грција која траела од 1946 година до 1949 година биле прогонети повеќе од 50.000 Македонци. Од нив најголем дел заминале во Југославија и во источноевропските земји. Првиот собир на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија се одржал во Скопје на 30 јуни 1988 година.
На Македонците кои ги напуштија своите родни огништа во Егејска Македонија, до денес Грција не им ги вратила имотите.