Дебакл на Спасовски со нoвинарот Боби Христов: Неодговорноста и криминалот причини за хаосот со пасошите
Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски не смета дека е лично одговорен за хаосот со издавањето на лични документи, пред сѐ, за патните исправи. Во интервју за ТВ Телма, на крајот од разговорот, на прашањето дали ќе им се извини на граѓаните, не одговори директно и рече: „Сите оние што поднеле барање да се заменат документите, тоа треба да го направат низ системот на МВР“.
Спасовски вечерва рече дека сите аспекти на овозможување се овозможени во тој период. „Целиот тој период, и акциските планови и управувачкиот комитет кој што управувцал со целиот процес, сето тоа, како што е предвидено со позитивните законски прописи, така е постапувано. Апсолутно не може никого вие сами да го натерате да ги извади документите во 2021 година, во 2022 година или во 2023 година“, рече Спасовски.
Доскорешниот министер Спасовски смета дека биле создадени сите предуслови граѓаните на време да ги заменат документите, но не сакаше да се извини на ниту еден од околу 640.000 луѓе кои од понеделникот останаа без пасош.
Во разговорот со многу прашања за тоа дали чувствува одговорност, поставувани од новинарот Боби Христов, во кои му се посочуваа правилници, закони, во кои се наведуваше дека над 600 илјади граѓани остануваат без уставното право да можат да излезат од државата, во кои прашања беше наведено дека илјадници граѓани кои пред три или четири месеци аплицирале за пасош дека уште не им е изготвен иако законскиот рок е 15 работни дена, Спасовски ниту еднаш не одговори дека постои негова одговорност.
„Апсолутно, не сакам да фрлам вина на граѓаните. Меѓутоа, секој еден граѓанин имал можност од 1 јули да започне со промената на личните документи. Сите оние кои поднеле барање за замена на документите, тоа треба да си го направат низ системот на министерството“, порача тој.
Според него, државата од моментот кога е склучен договорот од Преспа, односно ратификувана во македонското Собрание, ги започнала и ги обезбедила условите за промена на личните документи.
За кривичните пријави поднесени деновиве против него заради издавањето лични документи со старото име на државата иако знаел дека мора да се издаваат на нови обрасци со уставното име на Македонија, Спасовски смета дека тие се политички мотивирани.
„Кривичните пријави не се засновани на правото, ниту говорат нешто во однос на правото. Има институции во државата, има постапки низ кои ќе се отвори целиот процес, ќе се прибават сите документи, сите докази и врз основа на тоа ќе се носат, веројатно, и одлуките“, одговори Спасовски.
„Тоа што моето име и потпис стојат на сите документи за обрасци и правилници е затоа што сум бил министер во тоа време. И тоа е најмалку спорно. Било кој да бил министер во тоа време, ќе морал да ги спроведува сите тие постапки кои се однесуваат во делот на почитување на Уставот и на законските одредби кои што ги имаме. Инаку, можностите се создадени и до 1 јули во 2021 година со издавањето на новите документи кои што се усогласени со спогодбата од Преспанскиот договор, со Уставот и со законот“, рече Спасовски.
Тој рече дека по 1 јули во 2021 година не се издавале патни документи со стари обрасци.
„До 1 јули, односно 5-ти, како е денот, се издавани документи. Не можете да очекувате дека спогодбата стапува на сила на 12 февруари во 2019 година и од 13 февруари некој ќе може да издаде нов документи, патен, личен, итн., со новото уставно име. Прво, треба да се изврши набавка на софтверско и хардверско решение кое што ќе ги вклопи новото уставно име и законот за јазиците. Врз основа на тоа да се изврши таа набавка, да се имплементира во системот на персонализација, да се набават новите обрасци, тие да пристигнат и врз основа на тоа да се изменат законските решенија и од моментот кога ќе стапат на сила, да се издавааат патни исправи со новото уставно име“, рече доскорешниот министер.
За важноста на сообраќајните и возачките дозволи, како и на регистарските таблички, кои според правлниците на МВР требало да важат до крајот на денот на 12 февруари годинава, а се сменети од новиот, технички министер, со цел да се продолжи нивната важност, Спасовски исто така не почувствува одговорност и тврдеше дека тоа не е точно и дека правнилниците треба да се гледаат пошироко и дека тие не се над законот, туку се читаат согласно законот.
Дали би поднел оставка по сѐ што се случуваше деновиве, а е резултат на подолг период наназад, да беше уште министер, Спасовски рече дека не одговара на хипотетички прашања.
Правна одговорност нема, рече тој, не одговарајќи на забелешката дека постои и морално, етичко чувство на одговорност.
На прашањето дали чувствува дека уште, по дебаклот со издавањето лични документи, има кредибилитет да се кандидира на изборите или да биде на листите за пратеници на СДСМ, Спасовски не одговори конкретно на прашањето, туку рече дека станува збор за одлуки кои ќе ги носи партијата.