Каква треба да биде исхраната после завршувањето на постот
Било да сте постеле една или сите седум седници, важно е да знаете како да „влезете“ и како да „излезете“ од постот, а во меѓувреме и да го зачувате и одржите здравјето. Можеме да кажеме дека темата е малку сензитивна и постот сите го сфаќаат различно, но сепак би споменале дека освен храната, истиот се однесува и на духовниот спокој, добра мисла и верба за убави нешта. За почеток, за време на самиот пост, секој треба добро да се грижи за одржување на нутритивниот баланс најдобро што може и да има разновидни оброци богати со сите витамини и минерали, секако обезбедени од растителни намирници. Протеините, витамините од Б групата, посебно витаминот Б 12 се критични при постењето, а исто така и железото кое е важно за силна крв и оптимално здравје.
Скратувањето на животинските намирници му дава шанса на организмот побрзо да се обнови и регенерира и тоа една од главните поволности, гледано од здравствен аспект, но ваков начин на живот не треба да трае предолго, ниту „враќањето кон нормална исхрана“ треба да биде одеднаш.
За полесна адаптација на организмот, препорачуваме прво да почнете со консумација на риба, јајца и пилешко месо, по помали количини во оброк и да не се застапени секојдневно за време на ручекот и вечерата. За појадок убаво е да го започнувате денот со целозрнести житарки и комбинација со протеини од типот, јогурт, јајце и здрави масти како маслинки, авокадо, путер, зависно од она што преферирате и што ви е на располагање. За вечера, избирајте полесно сварливи намирници, некои балансирани салати, таратур или супи и разни други варива.
Мора да се спомене дека секој од нас функционира различно и има различен метаболизам и навики. Наша препорака е должината на периодот на адаптација и почесто вклучување, секој да го одреди индивидуално, а како минимална рамка би рекле дека се неопходни околу 10 дена за да не чувствуваат тегоби после масен оброк. Како препорака плус, внимавајте на количините и не прејадувајте се, така ќе му помогнете на стомакот подобро да функционира во Ваша корист.
Прејадувањето е широк проблем кој се јавува не само при пости, туку и секојдневно, па препораките можеби ќе се корисни за сите љубители на храна. Освен што го попречува нормалното варење, прејадувањето доведува до неможност за затворање на сфинктерот на желудникот. Поради преоптовареност со храна, овој мускул не може да се затвори, па киселините на желудникот се прелеваат во хранопроводот и тоа доведува до непријатност и печење се до грлото. Ова е еден од најзастапените проблеми.
Накратко, не постои „тешка храна“, ако не изедете преголема количина или не ја изедете непосредно пред спиење, па затоа обрнете внимание на тие нешта. Не пијте вода или други течности со оброците, посебно не алкохол доколку имате проблематичен стомак, а исто така не треба да јадете набрзина зашто тоа предизвикува појава на гасови. Ако сепак се прејадете, прошетајте, тоа е еден од најлесните и ефикасни лекови.