80 години од стрелањето на Никола Јонков Вапцаров, Антон Попов и Атанас Романов од страна на бугарските фашистички власти
На денешен ден пред 80 години на Гарнизонското стрелиште во Софија стрелани се Никола Јонков Вапцаров, Антон Попов и Атанас Романов, македонски интелектуалци и патриоти. Додека се стрелани македонските синови, присутните пееле “ Тој што ќе падне во бојот за слобода, тој не умира“.
Вапцаров бил поет, есеист, новинар и револуционер и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938-1941). Неговиот реферат по повод основањето на кружокот ги содржи неговите зборови:
„На нас, како Македонци што пишуваат, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени… Зашто ако последните години македонската револуционерна борба тапка во место, ми се чини дека причината е во недостигот на жива творечка сила… Се случи така што во српска и грчка Македонија (Вардарска и Егејска) – великобугарските утопии се оладуваат и јакне едно поколение инспирирано од лозунгот „Слободна и независна Македонија“.
Неговата песна „Проштална“ е посветена на неговата сопруга и огромна љубов Бојка.
..Понекогаш ќе доаѓам
во твојот сон
Како нечекан и далечен гостин
Не оставај ме надвор на патот
Вратата не затворај ја
Ќе влезам тивко
Кротко ќе седнам
Ќе го вперам погледот во мрaкот да те видам
И откако се заситам гледајќи те
Ќе те бакнам и ќе си отидам…
Антон Попов е правнук на поп Стојан од Берово, македонски писател, комунист, учесник во илегалниот отпор против фашистичкиот режим во Бугарија. Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.
Еве што ќе запише Антон Попов:
„Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат. Историјата на човештвото е полна со неправди. …Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име, да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја? Кој ги поттикнува нивните свирепи мерки, нивното цврсто решение? Кој ги поддржува и оправдува нивните настојувања- плен на угнетување да бидат нивните славјански браќа“?- напишал Попов.
Атанас Романов е македонски деец, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Пиринскиот дел на Македонија и учесник во антифашистичката борба во Бугарија.