За 24 часа низ воздух, земја и вода: Девет адреналински активности во еден предизвик

Спортско-авантуристички предизвик 24h Адреналин, во кој двајца учесници, во рок од 24 часа, ќе се обидат да поврзат девет различни активности низ воздух, земја и вода ќе се одржи на 26 јули во Македонија.

Предизвикот, како што најавува организаторот, ќе започне со изгрејсонце на аеродромот Стенковец, а ќе заврши доцна навечер на брегот на Охридското Езеро. Во текот на еден ден, учесниците ќе поминат стотици километри низ Македонија, менувајќи различни начини на движење и совладувајќи активности што бараат физичка подготвеност, концентрација и издржливост.

Во рамките на предизвикот ќе бидат реализирани: лет со спортски авион; падобрански скок; параглајдерски лет; мото-тура низ Галичица; искачување на Via Ferrata; MTB downhill спуст; нуркање; кајак и Stand Up Paddle – SUP.

-Главната цел на предизвикот не е поставување рекорд, туку промоција на авантуристичкиот туризам, спортовите на отворено и природните можности што ги нуди Македонија – посочува организаторот.

Проектот е инициран од Јане Стефанов и Љубомир Нетков, долгогодишни инструктори и ентузијасти во повеќе адреналински дисциплини. Во неговата реализација ќе учествуваат и бројни локални експерти, пилоти, инструктори, нуркачи, велосипедисти, медицински лица и логистички тимови, кои ќе ги придружуваат учесниците во различните делови од предизвикот.

Настанот ќе биде документиран преку фотографии, видеоматеријали и содржини на социјалните мрежи, преку кои јавноста ќе може да го следи текот на предизвикот.

Целта е 24h Адреналин да прерасне во традиционален проект што ќе ја позиционира Македонија како дестинација за авантуристички туризам и спортови на отворено, истовремено поврзувајќи ги локалните спортски заедници, експертите и ентузијастите околу една заедничка идеја.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK