На 58-годишна возраст почина Тихомир Јанчовски, истакнат поет и преведувач

Поетот, преведувач, професор и културен дејец Тихомир Јанчовски почина денеска во Скопје, на 58-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја соопшти семејството преку објава на социјалните мрежи.

Јанчовски зад себе остави богато и разнолико творештво. Автор е на повеќе од триесет книги – поезија, преводи, романи, како и значајното историографско дело „Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“ (Сигмапрес, 2010). Само неколку дена пред смртта, на 23 јануари, на својот фејсбук-профил информираше дека излегла книгата „60 икони на Мајката Божја“ од Аријан де Сен-Марк, чиј уредник и преведувач беше токму тој, најавувајќи и промоција.

Во 2024 година одбележа 25 години творештво, а истата година, заедно со Бранислав Николов, го создаде поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Неговата поезија е застапена во бројни антологии и литературни списанија, а има и четири целосно преведени книги. Јанчовски беше преведуван на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.

Од Друштвото на писателите на Македонија истакнаа дека Јанчовски, со својата автентичност и креативност, останува запаметен и како еден од најомилените наставници на повеќе генерации ученици – во гимназијата „Орце Николов“, меѓународното училиште „Нова“ и Американската гимназија во Скопје.

Роден во Скопје, Јанчовски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1991 година. Специјализирал средновековни студии на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, а магистрирал современа историја на УКИМ во 2010 година.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK