За три дена три жртви на докторот – измамник: Изнудил над 32.000 евра

Алармантна серија на измами го тресе истокот на Македонија. Лажен лекар три дена по ред успешно измамува стари лица, користејќи ја морбидната шема со „тешко повреден роднина“. Билансот е фрапантен – во само 72 часа, од две баби и еден дедо, измамниците изнудиле вкупна сума од над 32.000 евра.

Најновата жртва е 67-годишна жена од Виница, која вчера останала без својата животна заштеда. Таа во 15:00 часот во ОВР Виница пријавила дека била ограбена на подмолен начин, губејќи 12.400 евра. Драмата започнала со телефонски повик од машки глас кој се претставил како хирург. Со драматичен тон, „лекарот“ ѝ соопштил дека нејзината снаа доживеала тешка несреќа на работното место, има сериозни скршеници и итно е потребна скапа операција за да се спаси нејзиниот живот. Во состојба на шок, жената веднаш отишла во банка, подигнала 12.400 евра и ги оставила на локацијата посочена од измамникот. Дури откако се слушнала со блиските, сфатила дека снаата е добра и дека парите се украдени.

За два дена „собрал“ уште 18.400 евра

Овој случај следи по претходни два идентични напади врз пензионери во истиот регион. Претставувајќи се како ортопед, измамникот таргетирал 77-годишна жена од Штип и нејзин врсник од Виница.

Во Штип 77-годишната жена била телефонски известена дека нејзината сестра е во болница со скршена нога и дека е итна операција за вградување „шипка“. Под овој изговор, таа на измамниците им предала околу 11.400 евра.

Во Виница 77-годишен жител вчера пријавил дека на сличен начин бил изманипулиран. „Лекарот“ го убедил дека неговата ќерка е хоспитализирана и итно мора да се оперира. Вознемирениот татко во неколку наврати ги оставал парите на договорено место, губејќи вкупно околу 7.000 евра.

Шемата е иста: Цел се фиксните телефони на пензионерите

Полицијата предупредува дека се работи за организирана и засилена активност на измамници кои го користат истиот „модус операнди“:

Се бираат фиксни телефони на повозрасни лица кои се сами дома.

Се соопштува лажна вест за морбидна несреќа на син, ќерка или снаа.

Се бараат пари веднаш – за „златни шипки“, операција или заташкување пред полиција.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK