Отворено 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ – Првиот Златен медал „Браќа Манаки“ за Благоја Куновски Доре

Со доделување посебни фестивалски награди и признанија и со проекција на македонскиот филм „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска и кинематограферката Виржини Сен Мартан, вчеравечер во Битола почна ИФФК „Браќа Манаки“.

Новото 46-то издание на фестивалот на кинематограферите од светот и годинава нуди конкурентни филмови за наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“, богата документарна и студентска програма, а се враќа и програмата Макпоинт фокусирана на македонски филмови.

Според востановената традиција, на отворена сцена, во Битола ќе бидат врачени Златна камера 300 за животно дело која годинава му припадна на Дариус Конџи, кинематографер роден во Иран со богата кариера која ја остварува во САД соработувајќи со режисери од различен калибар.

Награда Специјална камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност ќе им биде врачена на Семих Капланоглу, еден од највлијателните режисери во турската кинематографија и на Воли Фистер, американски оскаровец, а на свеченото затворање на фестивалот на Кирил Џајковски ќе му биде доделена „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, признание за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура.

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ завршува на 26 септември со проекција на филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски и кинематограферот Наум Доксевски.

Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) годинава востанови ново фестивалско признание, награда Златен медал „Браќа Манаки“, а прв со новото одличје на ИФФК „Браќа Манаки“ се закити, филмскиот критичар Благоја Куновски Доре.

Одлуката на ДФРМ токму Благоја Куновски Доре да го добие златниот медал за особен и долгогодишен придонес кон ИФФК „Браќа Манаки“ се темели на факти, а факт е дека Куновски Доре 46 години не пропуштил ниту едно издание на фестивалот, вршејќи разни фестивалски функции.

Со Благоја Куновски Доре се боревме да го промовираме македонскиот филм и да го донесеме најдоброто од светот кај нас. Неуморно твореше, работеше и инсистираше за подобрувања на овој фестивал. Куновски е најголемиот филмски критичар во Македонија на сите времиња, најголем презентер на македонскиот филм надвор од границите на Македонија и најголемиот соработник на Друштвото на филмски работници и фестивалот „Браќа Манаки“, истакна секретарот на ДФРМ, Томи Салковски за време на врачувањето на наградата, златен медал „Браќа Манаки“.

Пред аудиториумот во Битола, лауреатот Куновски Доре, посочи дека е трогнат од доделеното признание и е дел од една кариера исполнета со многу возбудувања.

Благодарам на Друштвото на филмски работници за ова внимание. Особено ме исполнува тоа да сум дел од таа организација на филмаџиите и што сум дел од овој наш фестивал кој е еден од ретките, можеби единствен амбасадор на македонската култура. Филмовите и нивните автори сум ги доживувал како мисионери во поставувањето на еден подобар, поубав, похуман и подостоинствен свет во кој живееме, истакна Куновски синоќа во Битола.

Друштвото на филмските работници на Македонија годинава одбележува 75 години од основањето. 

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK