4.000 млади ќе се натпреваруваат во 15 спортови: МАКЕДОНИЈА ДОМАЌИН НА СПОРТСКИ СПЕКТАКЛ

Со дефиле на 50 делегации и со спектакуларна церемонија во Спортскиот центар „Јане Сандански“, синоќа беше отворен Европскиот младински олимписки фестивал Скопје 2025 (ЕМОФ). Фестивалот официјално го отвори претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а поздравен говор одржа и претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос.

Свеченото отворање го означи почетокот на седумдневен спортски и културен настан, што ќе ги обедини младите спортисти од целиот континент во духот на фер-плеј, пријателство и на солидарност. Натпревари ќе се одржат во 15 спортови: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.

Натпреварувањата се организирани на современи спортски објекти во Скопје и во Куманово, додека спортската гимнастика ќе се одржува во Осиек, Хрватска, во координација со Европскиот и со Хрватскиот олимписки комитет.

Се очекува учество на над 4.000 спортисти, тренери, официјални лица и тимски претставници, како и стотици волонтери, новинари и гости. Македонија годинава ќе има рекорден број натпреварувачи во сите дисциплини.

Претседателката Сиљановска Давкова на својата објава на Фејсбук напиша:

„Голема е честа да се биде земја домаќин на Летниот европски младински олимписки фестивал на којшто се собраа околу 4.000 спортисти коишто ја манифестираат убавата страна на сегашноста и ја гарантираат светлата иднина на европскиот и на светскиот спорт.

Летниот европски младински олимписки фестивал е врвен спортски чин, симбол на младост и на витештво во натпреварувањето, генератор на заедништво и на солидарност, креатор на европски културен и спортски дијалог“.

Неспорно е дека спортот има огромна моќ да обединува, додава таа, да ги брише расните, етничките, верските и социјалните разлики, да овозможува рамноправна битка, од која, без оглед на конечниот резултат, сите учесници се морални победници.

„Ги охрабрувам во спортските битки да го вложат најдоброто од себе и им посакувам успех на натпреварите!“, порачува претседателката во својата објава.

ZBOR.COM.MK