Тексас: 15 деца загинаа во поплавата во камп за девојчиња, се удавија и 36 возрасни
Стотици спасувачи продолжуваат со потрагата по луѓе кои исчезнаа по ненадејна поплава во централен Тексас. Бројот на загинати порасна на 51, од кои 15 деца.
Најтешко погодената област е округот Кер, каде што загинале 43 луѓе, а 27 девојчиња и натаму се водат како исчезнати. Тие посетувале христијански женски детски камп сместен покрај реката Гвадалуп, чиј водостој нагло пораснал поради силното невреме и поројните дождови.
„Работата продолжува и ќе продолжи додека не ги пронајдеме сите“, изјави шерифот на округот Кер, Лари Лејта.
Најголемиот дел од спасувачките напори е фокусиран на женскиот летен камп „Мистик“, што го посетувале околу 850 деца. Заменик-гувернерот на Тексас, Ден Патрик, изјави дека повеќето од исчезнатите девојчиња се помлади од 12 години. Многумина спиеле кога нивото на реката пораснало за осум метри за само 45 минути и снимки од кампот покажуваат дека тој е целосно растурен.
Потврдено е дека меѓу загинатите има деца од осум, 11 и 13 години.