Сиљановска-Давкова донесе одлука за ангажирање на Армијата во справувањето со пожарите, моментално 21 сè уште активни
Претседателката, согласно Законот за управување со кризи, потпиша одлука за учество на дел од Армијата во гаснењето на пожарите.
Ангажманот на припадниците на Армијата следи по прогласувањето кризна состојба од страна на Владата.
Генералштабот на Армијата ќе го одреди начинот на нејзиниот ангажман.
Претседателката е во тек со состојбата со пожарите и изразува загриженост и сочувство со засегнатите сограѓани.
На територијата на државата, заклучно со 18:00 часот на 9 јули 2025 година, евидентирани се вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се сè уште активни, а 4 се изгаснати, информираат надлежните служби.
Најкритични се локациите во Општина Македонски Брод, каде се гори деградирана дабова шума и ниска вегетација на неколку различни точки, како и во Општина Чучер-Сандево, каде пожарот помеѓу селата Блаце и Чучер зафаќа мешана шума и трева. Сериозна е и состојбата во Ѓорче Петров, каде гореа куќи во селата Орман и Волково, како и гробишта и Стопански двор.
Пожар има и во депонијата во Шуто Оризари, во шумскиот предел кај Осогово (Кочани), како и во региони во Дојран, Радишани, Сарај, Крива Паланка, Тетово и Петровец.
Според пријавите, неколку од пожарите се прошириле со голема брзина, особено поради комбинацијата од високи температури и ветер.